Пендаровски: Нема да затвораме очи и уши за окупацијата спроведувана од 1941-1944

Свесен сум дека кај дел од граѓаните постои стравување дека на тој пат кон Европа ќе биде цензурирано нашето историско паметење но историската вистина не може да се замолкне ни со договор, ни со протокол, порача денеска македонскиот претседател Стево Пендаровски на прославата на Илинден во Скопје. Тој се обрати од платото пред претседателската резиденција каде се изврши и доделување на одликувањата на повеќе заслужни личности.

Во обраќањето по повод на големиот празник Пендаровски потенцира дека нема де случи премолчување на историските факти.

-Свесен сум дека кај дел од граѓаните постои стравување дека на тој пат кон Европа ќе биде цензурирано нашето историско паметење. Дека наводно веќе нема да можеме да спомнуваме против кого се бореле нашите херои. Или дека ќе треба да ги затвориме очите пред фактите за депортацијата на македонските Евреи во Треблинка и масакрот на младинците во Ваташа. Дека ќе ги затвораме ушите за да не ги чуеме сведоштвата на нашите последни живи борци, на генерацијата која на своја кожа ја искуси окупацијата во периодот 1941-1944, спроведувана од профашистичката влада во Софија. Но, кога би престанале да ја зборуваме историската вистина ние би станале соучесници во креирањето на една нова историска неправда. Токму овие одликувања се нашиот одговор на секој обид да се замолкне вистината. Историската вистина не може да се промени со договор, ниту со протокол бидејќи фактите го разобличуваат секој наметнат конструкт, истакна претседателот.

Тој додаде дека со историската вистина нема компромис, како и дека говорењето на историските факти, никогаш не било, ниту може да биде говор на омраза. Според него, проектот на обединета Европа недвосмислено потврдува дека патот до автентично и трајно помирување меѓу народите води преку правдата втемелена врз вистината.

-Ќе продолжиме да ја зборуваме вистината и само вистината. Не треба да чувствуваме никаков страв, рече Пендаровски.

Шефот на државата постхумно ги одликуваше со Орден на Република С. Македонија, Крсте Црвенковски, за својот особен, стратешки, долготраен и неповторлив придонес во втемелувањето и во развојот на македонската држава и на македонското општество, а со Орден за воени заслуги, Невена Николова Георгиева – Дуња, за извонредната храброст, пожртвуваноста, непоколебливоста и за лидерската улога во антифашистичката борба во работничките и во синдикалните движења. На свеченоста со Медал за храброст ги одликуваше Никола Стојановски, Јован Величковски, Трајанка Аврамовска (постхумно), Илија Дуновски, Никола Николоски, Цветко Цветкоски, Кадрија Џафери и Дафинка Богоева, учесници во НОВ.

 

Претходна вестПоставено спомен обележјето за АСНОМ во манастирот Св. „Прохор Пчински“
Следна вестЏафери: Имаме една заедничка држава и сите сме одговорни да ја чуваме