„Изразувам длабоко сочувство до семејството по повод ненадејната смрт на припадникот на нашата Армија кој беше дел од мисијата во Косово“, сподели претседателот Стево Пендаровски.
„Армијата загуби свој припадник, колега и војник кој посветено и служеше на нејзината мисија. Вечен спомен, нека почива во мир“, додаде тој.
Во болница во Приштина вчера ненадејно починал професионалниот војник И.Ч (44). Тој бил во состав на контингентот на Армијата на Република Северна Македонија во мисијата КФОР.
На професионалниот војник кој извршувал должности во водот за обезбедување во командата на КФОР-запад во Пеќ, во текот на попладневните часови вчера му се слошило, по што веднаш од присутните е пристапено кон пружање прва помош од страна на надлежната санитетска служба во состав на контингентот.
Со воен хеликоптер во придружба на воен медицински персонал веднаш бил упатен во болница во Приштина како најблиска здравствена установа, каде што се пристапило кон реанимација, но по кратко време е констатирана смрт за која, според првичните наоди, причина најверојатно е срцев удар.
– Од страна на Генералштабот по добивање на првичните информации со преземање на сите потребни процедури, трагичната вест е соопштена на неговите најблиски и во моментот во координација со сите надлежни институции се преземаат сите неопходни мерки за пренесување на посмртните останки на нашиот припадник во неговото место на живеење. По пристигањето на телото на нашиот починат мировник, погребот ќе биде со сите воени почести а во координација со неговата фамилија во време и место кое ќе биде одредено, стои во соопштението од ГШ на Армијата на Република Северна Македонија.