Да се донесе нов закон за пензии, да има линеарно покачување на пензиите, најмалата да изнесува 20.000 денари…, побараа денеска пензионерите кои проетстираа пред неколку странски амбасади и објектот на македонската Влада. Граѓани од повеќе градови, каде се протестираше и во изминативе недели, на протестот ги повторија барањата упатени до Владата и до Министерството за труд и социјална политика.
-Бараме да се покачат пензиите, со сегашни примања не се живее. Како тие можеа прекуноќ да си ги покачат платите за 78 отсто, така можат и нам да ни ги покачат пензиите, изјавуваа пензионерите.
Протестот започна пред Амбасадата на САД во Скопје, а потоа продолжи пред Владата.
Драган Угриновски, претседателот на иницијативниот одбор на пензионерите, рече дека владините претставници немаат слух за нивните барања.
-Од последниот протест до денес нема никакви промени, иако тогаш министерката за труд и социјална политика кажа дека за седум дена ќе даде отчет, односно што направила групата која ја изработува методологијата. Но, пројдоа 27 дена па сè уште нема никаков одговор. Ние пензионерите ништо не добивме, протестираме три месеци градовите и организираме генерални протести во Скопје, но нема резултати. Имавме состаноци и со ЕУ и ги запознавме со нашите барања, кои остануваат исти и од минатиот пат, а би напоменал и дека шестото барање е промена на Законот за пензиско и инвалидско осигурување, рече Угриновски.
Тој најави дека доколку нема договор со институциите протестите ќе бидат порадикални.