За што служат пешачките премини на улиците? Прашањето ви се чини смешно, непотребно оти сите го знаат одговорот. Епа дали е баш така?
Ако ги погледнеме секојдневните извештаи од МВР очигледно е дека многу возачи се казнети оти не даваат предност на лицата кои се на пешачки премин. А за жал често читаме дека и пешачките премини се местата каде се прегазуваат оние што се „осмелиле“ да поминат улица.
Значи, за некого пешачкиот премин е место каде може лесно да си „мавне“ пешак. Тоа нормално ли е?
НЕ Е НОРМАЛНО! Но, за жал се случува пречесто низ Македонија.
Еве вчера 17-годишник со скутер удрил во мајка и дете на пешачки премин во скопската населба Карпош 4. Наместо да помогне на повредените тој се обидел да побегне и при тоа се удрил во друго возило.
Ужасно. За среќа мајката и детето се полесно повредени.
Што треба да се направи за сите во Македонија да го знаат точниот одговор за што служат пешачките премини и како треба да се однесуваат сите учесници во сообраќајот околу нив? Премногу лица се „неуки“. Затоа и има премногу трагични случаи на пешачки премини.
Пред 5 дена – МВР, Републичкиот совет за безбедност во сообраќајот на патиштата и Факултетот за безбедност од Скопје почнаа кампања за подобрување на безбедноста на пешаците под мотото „И јас и ти сме пешаци!“. Целта на кампањата е подигнување на свеста на пешаците дека се рамноправни учесници во сообраќајот и дека задолжително треба да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи. Но, и возачите мора да ги почитуваат правилата за да обезбедат безбедност за пешаците.
Добро е да има кампањи. Да им се објаснува и на возачите и на пешаците да се држат до правилата. Но МВР може и други работи понастојчиво да прави околу пешачките премини. Има доволно сообраќајни полицајци за тоа, само треба план и негово спроведување во еден подолг период – за да на сите им стане јасен одговорот – за што служи пешачкиот премин.
Во спротивно може да се подразбере дека пешачкиот премин е место каде луѓето треба да бегаат како зебри пред „лавовите“ седнати во возилата.
ПС. Дека прашањето е сериозно нека помогнат и овие потсетувања: Пред извесно време во Велес на пешачки премин брутално е покосено 11-годишно девојче, а тешко е повредена нејзината мајка; на скопскиот булевар „Партизански одреди“ кај Градежан факултет беше покосена студентка од Крива Паланка; кај Сити мол возило прегази девојка од Радовиш…