„Егзархијата дава пари и купава ветер зашто народноста со пари не се купува…, Се стреми да го убие секое посамостојно движење во нас, да ја одземе секоја можност Македонците да се занимаваат со повозвишени општествени прашања, и на тој начин… да го стави народниот македонски дух во полна зависност од неа, да го огради како птица во кафез… да не окова во синџири за да не разигрува како мечка, и да не води таму, од каде добива голем бакшиш… Ни даваат пари за да не убијат…“
Вака во своето дело „Стамболовштината во Македонија и нејзините претставници“ во 1894 година во Виена пишуваше Петар Поп Арсов, еден од големите македонски дејци, револуционери и публицисти. Тоа е дело во кое тој целосно ја демаскирал бугарската денационализаторска политика водена во тоа во Македонија наведувајќи дека единствена цел и е „да во Македонија создава Бугари“. Но, тоа е и дело кое јасно сведочи за неговиот однос кон македонскиот народ и борба која во тој важен период почнува да се подготвува и води. А, на тоа Поп Арсов бил целосно посветен.
Роден на 21 октомври 1872 година во селото Богомила, Велешко тој основно образование завршува во родното место, а потоа три години учи во Велес, за да во учебната 1884/85 година се запишал во Солунската гимназија „Св. Кирил и Методиј“. Како еден од антиегзархиските бунтовници, заедно со поголема група ученици од Солунската гимназија, во учебната 1888/89 година се префрла на школување на Великата школа во Белград. Меѓутоа за првпат ја согледува манипулацијата на пропагандата во Белград.
Кон крајот на 1890 година, Поп Арсов со Даме Груев и други учествува во формирањето на „Тајната дружба“ од која потоа се создава Младата македонска книжевна дружина (ММКД). Од јануари 1892 година почнуваат да го издаваат својот орган „Лоза“, а Поп Арсов е еден од главните нејзини редактори и соработници.
Тогаш, уште од првиот број на списанието каде го објави и својот расказ ”На мокров”, Поп Арсов воведе еден нов македонски фонетски правопис, каде и за прв пат се наоѓаат и употребени и карактеристичните букви: К’ ; Г’; Н ; а се исфрлени двогласните букви:Ъ,Ю,Ь… Со тоа Поп Арсов е првиот Македонец што во текстот за меките македонски консонати ја употребува формата на графемите онака како што Крсте Петков Мисирков ги употребува по 11 години.
Набрзо потоа, дружината и списанието „Лоза“ биле спречени да дејствуваат. По растурањето ММКД и забраната на списанието „Лоза“, Поп Арсов се враќа во Македонија и најпрво предава во Скопската гимназија (1892/1893), а потоа се вработува како професор во Солунската гимназија (1893/1894). Тука тој повторно се сретнува со своите старите познаници, меѓу кои и со Даме Груев.
Во есента 1893 година, меѓу младите македонски интелектуалци Даме Груев, Иван Хаџи Николов и Антон Димитров се развива идејата за да се соберат сите сили на разединетите групи и да се формира силна револуционерна организација способна да ја ослободи Македонија. За таа цел тие ги повикуваат Петар Попарсов, Христо Татарчев и Христо Батанџиев да учествуваат на основањето на организацијата.
Првиот чекор е направен на 23 октомври 1893 година, во куќата на солунскиот книжар Иван Хаџи Николов, каде покрај него на состанокот присуствувале: професорите Даме Груев, Христо Батанџиев и Петар Попарсов, потоа лекарот Христо Татарчев и учителот Антон Димитров. На состанокот била разгледана неопходноста од политичка активност во Македонија, како и условите за развивање на револуционерната дејност, со што биле поставени основите на Македонската револуционерна организација (МРО).
Веќе на вториот состанок на почетокот на 1894 година. Попарсов добива задача да изработи проект на Устав, кој потоа бил прифатен од Организацијата. Во август 1894 година, како член на ЦК на МРО, Попарсов присуствува на организационата средба во Ресен, каде било решено во општинските и егзархиските училишта да се постават учитали на организацијата за да може да се шири револуционерното дело меѓу македонскиот народ.
Во 1896 година Петар Поп Арсов активно учествува на Солунскиот Конгрес на МРО, но, по Виничката афера во 1897 година бил уапсен и обвинет за организирање на востание. Бил осуден на 101 година робија, а казната ја издржувал во Подрум кале во Мала Азија, а по амнестијата во 1902 година ја продолжува револуционерната дејност во Велешко, но спроти Солунските атентати во април 1903 година повторно е уапсен во Велес и затворен во Скопскиот затвор од каде излегува еден ден пред објавувањето на Илинденското востание.
Инаку, по Версајскиот мировен договор, наполно разочаран од конечната поделба на Македонија, тој целосно се повлекува од јавниот и политичкиот живот. Умира на денешен ден пред 82 години, на 1 јануари 1941 година.