Граѓаните имаат солиден имунитет кон Ковид – 19, покажале првичните податоци од истражувањето што го спроведе Комисијата за заразни болести за колективен имунитет. Анализирани се 920 примероци земени од граѓаните во Скопје и тие укажуваат на многу солиден имунитет врз основа на вакцинација.
– Над 85 посто од вакцинираните индивидуи имаат некаков имунитет кон Ковид. Не можеме да збориме за ефикасноста, но можеме да го детектираме дека постои. Од тие 920, околу 170 индивидуи беа невакцинирани и кај нив се сретнува над 70 проценти серопозитивност, односно и таму имаме солиден просек на имунитет, информира денеска на прес-конференција претседателот на Комисијата за заразни болести, Александар Петличковски.
Според него, врз основа на овие податоци Комисијата за заразни болести ќе решава дали би можело да се случи олабавување на рестрикциите. Тој рече дека не треба да се избрзува со олеснување на сите рестриктивни мерки. Важно било предвид да се земе бројот на вакцинираните, на прележаните од Ковид по природен пат, бројот на позитивни, трендот…
Првиот човек на Комисијата Петличковски смета дека е точно оти човек што има повеќе антитела е подобро заштитен од инфекција и од тежок тек на болеста или смрт. Но, како што нагласи, нема бројка која може дефинитивно да гарантира дека некој сигурно ќе биде заштитен.
– Не може да се зборува прецизно, ние може да детектираме позитивен резултат за антитела, има распон на концентрацијата на количината на антитела, и тој распон корелира, колку човек има повеќе антитела навистина е подобро заштитен од инфекцијаи секако од тежок тек на болеста и смрт, но нема бројка која може дефиниотивно да гарантира дека некој човек што има концетрација таа и таа, сигурно ќе биде заштитен. Затоа и овие анализи треба да ги толкуваме така, има или нема имунитет кој може да се детектира со серолошки тест, вели Петличковски.