Кандидатура за претседател на Социјалдемократскиот сојуз денеска поднесе и доскоро министерката за одбрана, Славјанка Петровска. Таа кажа дека 24 години е активна во партијата, а во програмата се осврнува на тоа што треба да се итни приоритети на СДСМ по големиот пораз кој го доживеаа на изборите.
– Заедно со пријавата го поднесов и манифестот на СДСМ, во кој е опфатена и мојата програма за партијата. Во неа се наведени итните приоритети за СДСМ по големиот пораз кој што доживеавме на овие избори. Иако и во минатото имало порази и победи, овој пат ситуацијата е специфична, особено поради политичките околности, на ниту една држава не и треба слаба или никаква опозиција. Затоа сериозен предизвик е СДСМ да се исправи, да продолжи по патот на идеологијата на СДСМ и да биде цврста и силна опозиција, за да може на таков начин да го трасираме патот на Македонија, посочи Петровска.
Ако биде избрана, таа кажа дека ќе има и итен избор на ново раководство.
– Ако бидам избрана, во овој кус период пред нас, ќе треба да ги консолидираме и редовите внатре во СДСМ, но и итни приоритети кои ќе треба да ги направиме, меѓу кои и ново раководство. Иако доживеавме пораз, уверена сум дека социјалдемократијата и идејата за неа е жива, исто како што е жива и вербата дека СДСМ пак ќе се исправи. Потребна е подлабинска реформа за да ги повратиме незадоволните членови на партијата, рече таа.