Почна петтиот ден од потрагата по 2-годишната Данка Илиќ од Србија, од која нема ни трага ни глас. Девојчето исчезна во вторникот попладне во Бањско поле кај Бор.
Пожарникарите, полицијата и спасувачите продолжија со багери да го расчистуваат просторот околу куќата во Бањско Поле каде последен пат била видена Данка.
Во меѓувреме, од МУП соопштија дека темелно се пребарале каналите околу куќата и дека Данка не е пронајдена.
Ивана Илиќ, мајката на Данка (2) беше донесена во полиција во Бор, потврдија од полицијата за „Телеграф.рс“. Нејзиното испрашување продолжило и вчера, но неофицијално таа не е осомничена.
Претходните денови беа претресени 10 квадратни километри околу куќата пред која исчезна девојчето, во потрагата учествуваат повеќе од 500 полицајци, спасувачи и доброволци, а претресен е и каналот под куќата што води до рудникот.
Специјалистички екипи на МУП извршија претрес на тунелот, подземните канали и шахтите.
Таткото на исчезнатото девојче бил прегледан на полиграф и го положил полиграфскиот тест, а мајката на девојчето не може да се прегледа на полиграф бидејќи е бремена.
Вчера, на четвртиот ден од потрагата, на терен беа и две специјалистички спасувачки екипи, кои темелно го пребараа просторот околу куќата каде последен пат беше видено двегодишното девојче.