Пимплаат за промена на Уставот, пимплаат за изборен датум…

Наближуваат изборните датуми за претседателските и парламентарните избори во Македонија. И веќе почнаа натегањата кога тие да се одржат. До сега расправиите беа дали да има предвремени избори, сега се – дали двата изборни циклуса да се поклопат во еден ист датум за да се намалaт милионските трошоци.

Додека се чека на заседање на меѓупартиската работна група во македонскиот парламент која ќе го договара терминот, веќе сега се гледа дека СДСМ останува се поосамен во ставот дека изборите треба да се одржат во одвоени термини.

Од ДУИ, нивниот коалициски партнер во Владата, вчера дојде став дека тие не се толку загрижени за терминот на изборите. Бујар Османи изјави дека датумот за одржување на претседателските и парламентарните избори ќе биде производ на дијалогот меѓу политичките партии.

– ДУИ е најмалку загрижена во однос на термините како можност да се помогне позицијата на партијата бидејќи во кое било време нашата позиција е добра. Мислам дека тоа треба да го гледаме во контекст на уставната реформа отколку во контекст на тоа како политичките партии ќе имаат интерес за кој било датум, рече Османи.

Ваквата „најмала загриженост околу термините“ од страна на ДУИ е донекаде различна нијанса во однос на досегашните ставови. Лидерот на „интегративците“ Али Ахмети неодамна кажа дека изборите треба да се одржат во редовни термини, а дека приторитет треба да биде промена на Уставот за да се исполни условот за преговори за членство со ЕУ.

Лидерот на најголемата опозициска партија ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски вчера го предложи 8 мај како термин за истовремено одржување на вториот круг на претседателските и на парламентарните избори.

– Така беше на последните избори 15 јули 2020 година. Затоа велиме дека 8 мај е повторно можен термин кога би се случил вториот круг претседателски заедно со парламентарните. Би имало 72 часа за рокови за жалби, за одлуки и да се фати рокот од 12 мај да може новиот претседател да биде веќе инаугуриран, изјави Мицкоски.

Пресметките покажуваат дека 14 март е почеток на рокот во кој треба да се случат избори за шеф на државата. Од друга страна, изборите за пратеници се одржуваат во последните 90 дена од мандатот на сегашните. Актуелното Собрание се конституираше на 4 август 2020 година, па со враќање 90 дена наназад, се доаѓа до 7 мај како почеток на периодот во кој треба да се организираат редовни избори за пратеници. Излегува дека само во периодот од 7 до 12 мај има преклопување на роковите и што значи дека има можности во тој период да се бара компромисен датум за двете гласања на граѓаните и по што Мицкоски го предлага 8 мај.

И од албанскиот опозициски блок се согласни што поскоро да се формираат работните групи и да се организираат изборите. Ги поздравуваат иницијативите за организирање на фер и коректни избори. Претседателот на Алијансата за Албанците, Арбен Таравари предложи претседателските и парламентарните избори да се одржат на ист датум.

-За Македонија како сиромашна држава подобро е овие избори да се одржат заедно, на ист датум, и да не се двојат. Против идејата сум во декември да има парламентарни, па во март претседателски. Исто сум против и за опцијата претседателски во март или април, а во јуни или јули парламентарни, рече Таравари.

Оддржување на избори во еден термин го поддржуваат и од Беса. Левица, пак, како изјави пратеникот Борислав Крмов, би учествувале на средба за изборите, а прашањето кога би се одржале претседателските и парламентарните избори следната година може да се реши институционално.

Но, наспроти ова само од СДСМ и нивната коалиција сметата дека изборите треба да бидат одвоени. Премиерот и партискиот лидер Димитар Ковачевски повеќе пати досега изјавуваше дека гласањето ќе биде одвоено и дека може да се договараат само двата термина. Попретседателот на СДСМ и вицепремиер за европски прашања Фатмир Битиќи завчера во телевизиско гостување рече дека претседателските и парламентарните избори треба да бидат одвоени, но дека за доброто на земјата „може да се разговара за термините“.

Владеачките социјалдемократи, пак, не објаснуваат детално зошто е подобро изборите да бидат одвоени кога сите пресметки покажуваат дека тоа ќе значи беспотребно трошење на повеќе милиони евра за организација на изборите. Одржувањето на изборите во 2019 година, на пример, чинело 7,5 милиони евра.

Инаку, одржувањето на два изборни циклуси во рок од само два-три месеци ќе значи и двојно водење на кампањи, застој во стопанството и други последици коишто „традиционално“ ги носи одржувањето на избори во Македонија. Практично, со опцијата на одржувањето на претседателските и на парламентарните избори во одвоени термини, земјата би била на изборен колосек најмалку околу половина година.

Треба ли толку долго да се пимпла?

 

Претходна вестГолема подземна термо станица ќе грее цел град во Шведска
Следна вестЗемјотрес во Македонија, студентите од Универзитетот во Тетово на улица