Европска Унија да најде механизам и да ги исфрли билатералните прашања од процесот на проширување, побара хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ во дискусијата на Блед стратешкиот форум во Словенија.
Тој неколку пати повтори дека единствениот пат напред кога се работи за проширувањето на ЕУ е елиминација на билатералните прашања од пристапниот процес. Како најдобар пример за тоа, тој ја посочи Македонија, која првин беше блокирана од Грција, а сега од Бугарија
-Сите билатерални прашања што не се формално, стриктно правно поврзани со легислативата на ЕУ треба да бидат елиминирани од пристапниот процес. Тоа е единствениот пат напред и јас зборувам од искуство. Тоа не е навистина квантна физика да се воспостави и треба да бидеме коректни во тој аспект. Примерот со Северна Македонија е симболичен. Чекаа 15 години да се реши грчкото прашање, штом беше решено, сега имаме ново прашање. Тоа не е фер, тоа е штетно за имиџот на ЕУ и јас го велам тоа јавно со години и ќе продолжам да го велам, кажа Пленковиќ на панел со премиерите на земјите од Балканот.