Министерството за здравство побара од Европската комисија да резервира количина од најсофистицираната моноклона комбинирана терапија на антитела за лекување на нашите на пациенти заболени од ковид-19, што е „коктел“ од casirivimab и imdevimab.
Оваа терапија ќе биде уште една од опциите која ќе ја имаат нашите лекари за третман на пациентите со ковид-19.
-За првпат во нашата земја ќе стигне најскапата терапија за ковид, т.н моноклони антитела, специфична за овој вирус. Во истиот момент кога ќе биде на располагање на европските земи, ќе биде и кај нас, изјави денеска министерот за здравство Венко Филипче.
Лекот ќе се набави со кредит од Светската банка.
За лекување на ковид-пациентите во земјава на располагање се голем број лекови кои се користат секаде во светот. Меѓу нив е лекувањето со ковалесцентна плазма од донори кои ја прележале болеста, лековите „ремдесивир“ и „ивермектин“ и други видови терапии, во зависност од случаите.