По земјотресот од 5 степени, кој утрово ја разбуди Македонија, следуваа неколку афтершокови, кои беа почувствувани од населението во Маврово, Гостивар и околината.
-Се разбудивме и повеќето излегоа надвор. Се тресе цело време, па денот главно го поминуваме во дворовите. Луѓето што се дојдени од други градови утрово се вратија назад, раскажува за „Макфакс“ жител на Маврово.
За сега нема податоци за направени штети од земјотресот.
Инаку, во ова подрачје беа регистрирани уште два земјотреса со јачина од 3,8 и 3,6 степени според Рихтер во временски период од еден и пол час, покажуваат податоците на Европскиот медитерански сеизмолошки центар.
Првиот земјотрес е со јачина 3,8 степени, а бил регистриран околу 12 часот на 18 километри југозападно од Гостивар.
Вториот околу 13.25 часот 3,6 степени според Рихтер е регистриран на 16 километри југозападно од градот.
Епицентарот на земјотресот од 5 степени е регистриран со епицентар во Леуново, во Мавровскиот Регион, на 15 километри од Гостивар.