Н:
По студентските реакции за покачувањето на трошоците на студентите за студирање на Филозофскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, од Факултетот соопштија дека ги укинуваат зголемените давачки.
Универзитетското студентско собрание (УСС) на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ деновиве реагира на зголемените трошоци за студирање на единиците на овој најголем и најстар универзитет во Македонија. Студенти се пожалија дека со „усогласувањето“ на давачките на УКИМ, пример, на Филозофски и Филолошки при запишување на зимскиот семестар, покрај партиципацијата, од годинава плаќаат 3.650 денари, што претставува зголемување дури од 2.500 денари. На Економски факултет, пак, вкупните трошоци се околу 4.000 денари, а други студенти споменуваат и по 5.000 денари…
-Трошоците за онлајн и материјални ресурси следниот семестар ќе изнесуваат 0 денари. Ова значи дека наместо 5.600 денари годишно, износот изнесува 2.800 денари за дополнителни трошоци на годишно ниво, се вели во соопштението на Филозофскиот факултет до студентите во кое се додава дека сите студенти официјално ќе бидат известени и од службата за студентски прашања.
За оваа одлука Факултетот направи анекс на Правилникот за трошоци па повеќе нема да им наплатува на студентите на прв и втор циклус студии за испити по семестар, за факултетско студентско собрание по семестар, за пријавување на дипломски испит и за прирачник. Исто така, повеќе нема да се наплаќаат надоместоци за задоцнета заверка на семестар, како и заверка на семестар без потпис, надоместоци кои во изминатиот период ги плаќаа поголем број на студенти.
Сега останува да се види дали ваквата одлука за укинување на зголемените давачки ќе ја донесат и другите факултети во рамките на УКИМ.