По тешки сообраќајки битолската полиција почна со 24 часовна контрола на патот кон Меџитлија

Битолската полиција започна со 24 часовна сообраќајна контрола на патот кон граничниот премин Меџитлија со цел да се намалат сообраќајните несреќи. До ова доаѓа по бројни реакции на граѓаните коибараат поголема сигурност на овој патен правец кој е во реконструкција, а на кој во изминативе десетина дена имаше две жртви.

-Со оглед на работа на патниот правец Битола -Граничен премин Меџитлија, Грчка граница, бидејќи истиот е сеуште во реконструкција, во последниот месец во нашата статистика бележиме неколку сообраќајни незгоди со потешко последици од кои за жал и две жртви. Заради тоа, сакаме да Ве информираме дека сообраќајната полиција на СВР Битола е застапена со постојани полициски патроли на тој патен правец при што ги преземаме сите неопходни мерки за да може да се обезбеди нормален тек на сообраќајот како и побезбеден сообраќај за граѓаните кои го користат тој патен правец, изјавија вчера од битолската полиција.

Градоначалникот на Општина Битола, Тони Коњановски, денеска иницираше средба со жителите од Кравари и други населени места со цел воспоставување соработка со надлежните институции на централно ниво и спречување на дополнителни несакани последици.

– Средбата е иницирана од Општина Битола, по големите поплаки на жителите од јужниот дел на нашата Општина. Ова е доста фреквентен пат, на 15 километри е границата со Грција, таму се бројни стопански субјекти, се превезуваат многу луѓе, поради што, иако општината нема директна надлежност, веќе наредната недела ќе биде иницирана средба со Министерството за транспорт и врски, Министерството за внатрешни работи, Јавното претпријатие за државни патишта, како и со изведувачот и со надзорот на реконструкцијата, која е во тек. Сакаме да се заврши постапката за изградба со комплетна сигнализација и, секако, останува апелот до граѓаните за внимателно возење на овој дел од патот, кој е навистина фреквентен, а поминува низ населено место. Овој пат и порано бил проблематичен, имало многу велосипедисти и пешаци, но сега е веќе невозможно тоа. Неопходно е сите заедно да поработиме на зголемување на безбедноста, затоа што конкретно во Кравари има училиште, детска градинка и неопходно е преземање превентивни мерки, затоа што патот кој поминува низ населено место, всушност, е влез од Грција, рече Коњановски.

Претходна вестВелешанец осуден на 40 години затвор
Следна вестАнима мунди: Отстрел на мечките не смее да биде решение за проблемот