На сообраќајниот хаос во македонската метропола никако да му се најде лек. Има се повеќе згради, но се помалце паркинг – места. Но, за сообраќајниот хаос виновни се и несовесни шофери кои се паркираат непрописно. Затоа ЈП Паркинзи на Општина Центар интензивно работи и ги казнува овие шофери, за што денеска излегоа со соопштение за бројот на казнети непрописно паркирани возила.
– ЈП Паркинзи на Општина Центар и Општина Центар во соработка со Сообраќајната полиција-Скопје минатата недела санкционираа 225 непрописно паркирани возила кои го попречувале нормалното и безбедно одвивање на сообраќајот.
Во периодот од 19.02. до 25.02.2024 година, со помош на специјалните возила „Пајак“ на ЈП ПОЦ отстранети се 113 непрописно паркирани возила, а со поставување на механичко средство „Блокатор“ санкционирани се 112 возила кои биле затекнати на резидентни паркиралишта, а не биле корисници-резиденти на секторот во којшто биле паркирани.
ЈП ПОЦ и Општина Центар континуирано ќе ја спроведуваат оваа мерка со цел да се доведе во ред сообраќајниот хаос и проблемот со непрописното паркирање на комерцијалните и резидентните паркиралишта и улици на територија на Општина Центар, стои во соопштението на ЈП ПОЦ и Општина Центар.