Скопјанката којашто на 8 март беше турната од трет кат на зграда на улицата „Карпош Војвода“ во Охрид им подлегна на повредите. Во веста што ја пренесува порталот Охрид1 се наведува дека три дена по овој настан охридската полиција поднесе кривични пријави против две лица.
Првата против 32-годишно лице од Охрид, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „убиство во обид“ како и против 21-годишно лице исто така од Охрид, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „помагање“.
Според МВР, на 8-ми март 2024 година, околу 11:30 часот, првопријавениот, во стан на улицата „Карпош Војвода“ во Охрид, сопственост на второпријавениот, по претходна расправија ја турнал триесет и деветгодишната жена од Скопје од терасата. Таа била пренесена во болницата „Св. Еразмо“ во Охрид каде и биле констатирани тешки телесни повреди. Второпријавениот кој бил присутен, не го спречил сторителот во извршувањето на кривичното дело.