Започна констититувната седница на новиот парламентарен состав. Со изменети места за седење, пратениците од ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ, ДУИ, ЗНАМ, „Вреди“ и „Левица“ имаат три дена да го изберат новиот претседател на Собранието, кој речиси сигурно ќе биде Африм Гаши.
На дневен ред на седницата се четири точки односно избор на Верификациска комисија, Верификација на мандатите на новите пратеници, избор на Комисија за прашања на изборите и именувањата, како и избор на претседател на Собранието. Конститутивната седница, според новиот Деловник, трае најмногу три дена, а Собранието е конституирано со изборот на претседател на Собранието.
На седницата, пратеникот на „Левица“ Борислав Крмов реагираше на неизбор на нивен член во Верификасиската собраниска комисија.
-Според член 12 став 2, Верификасиската комисија се состои од претседател и четворица пратеници кои припаѓаат на различни партии. Ние тука имаме предлог за двајца членови од иста партија. На координацијата на која присуствував беше толкувано дека идната власт морало да има мнозинство, а не морало, можело членот да се смени. Зборот различно во член 20, за Комисијата за избори и именувања, се однесува на соодветна застапеност на пратениците од политичките партии, ама вие тој го толкувате како исти. Фактички, „Левица“ ја оштетивте за еден член на оваа комисија, затоа што „Левица“ е четврта партија во ова Собрание, прва е ВМРО-ДПМНЕ, потоа е СДСМ, па ДУИ и „Левица“ како четврта сила со шест пратеници. Петта е ЗНАМ со шест пратеницино „Левица“ има поголем број гласови на изборите, потоа следува Беса со пет пратеници. Значи, еден член требаше да има „Левица“. Во старт почнавте со лоши практики, рече Крмов.
Претседавачката со седницата на тоа одговори дека за ова прашање е одлучувано на координација, на која присуствуваа претставници на сите партии и дека така е утврдена листата на членови на Комисијата.
При гласањето само шест пратеници беа против изборот на Верификациската комисија, сите шест од Левица.
За претседателка на комисијата е избрана Дафина Стојановска од ВМРО-ДПМНЕ, а за членови Благица Ласовска, Даниела Николова, Диана Тоска и Беким Сали.
Собранието во овој момент е на пауза поради работата на Верификациската комисија.
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, пред почетокот на конститутивната седница на Собранието изјави дека очекува предлогот Африм Гаши да биде претседател на Собранието да биде поддржан од сите што се потпишани за тој да биде прв човек на законодавниот дом.