Две лица, едно во Битола и едно во Велес се приведени во врска со случајот „Јавна соба“, а се преземаат мерки и активности и за други лица, објави на социјалните мрежи министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски.
Спасовски во објавата вели дека МВР во координација со јавното обвинителство работи се решени целосно да го расчистат случајот и сторителите да бидат санкционирани.
Една година по обелоденувањето на групата „Јавна соба“ на апликацијата „Телеграм“, каде илјадници членови споделуваа дискредитирачки фотографии од девојки, жени и малолетнички од Македонија, а која се уште нема реакција од Обвинителството, такви групи, уште помасовни, одново предизвикаа гнев во јавноста.
Нивното „членство“ – каде речиси сите користат прекари, со прикриени телефонски броеви, досега споделиле над 10 000 фотографии, а во јавноста се појавија дел од разговорите меѓу нив, кои во најмала рака се непристојни и навредливи, со децидни сексуални намери посебно за малолетнички.
МВР вчера ги повика жртвите чии фотографии и податоци се злоупотребени во „Јавна соба“ да го пријават случајот. Притоа, посочија дека засега компанијата која стои зад „Телеграм“ одбива секаква соработка.