Почна покривањето на Усјанскиот канал во скопската населба Усје со што се решава еден од најгорливите комунални, но и еколошки проблеми во градот.
Скопската градоначалничка Данела Арсовска денеска направи увид во градежните работи. Таа рече дека проектот за регулација и покривање на Усјанскиот канал се реализира во неколку фази, а во првата фаза се гради, уредува и покрива каналот во должина од 1.300 метри. Тој ги собира атмосферските води од неколку суводолици од планината Водно, како и атмосферските води од повеќе атмосферски колектори од територијата на општините Кисела Вода и Аеродром.
-Овој канал има директно влијание на жителите кои со децении потенцираат дека овој канал претставува потенцијална опасност од ширење на заразни болести. Покривањето на овој канал пред локалните жителие ветувано со години, а сега овој проект е реалност. Посветено работиме да го исполниме даденото ветување пред граѓаните, зашто уредувањето на Усјанскиот канал е еден од централните проекти од програмата „За модерно Скопје, истакна градоначалничката Арсовска.