Речиси милион евра ќе чини само изнајмувањето на 175 возила за потребите на самитот на ОБСЕ што ќе се одржи во Скопје во декември. Министерството за надворешни работи за потребите на самитот на ОБСЕ ќе издвои толку пари за возилата со кои ќе се возат министрите на земјите членки на оваа организација.
Со ОБСЕ годинава претседава македонскиот министер за надворешни работи Бујар Османи. Мотото на самитот во Скопје е „За луѓето се работи“.
Договорот склучен во два дела е веќе објавен на електронскиот систем за јавни набавки, а компанијата „АБЦ Рент а кар турс ДООЕЛ Скопје“ ја понуди најниската цена за изнајмување на автомобили за министерскиот совет на ОБСЕ со кое годинава претседава Македонија, односно нашиот министер за надворешни работи Бујар Османи.
Првиот договро е потпишан на 56.640.000 денари или околу 920 илјади евра за четири месеци. Вториот договор е на сума од 2.360.000 денари или околу 38 илјади евра за период од една година за редовни потреби на МНР.
Компанијата „АБЦ рент а кар“ треба да изнајми 175 возила (ВИП возила со минимална ширина 1.820 см, минимална должина 4.767 см, со запремнина од 1.600 кубика, задолжително црна боја, мини ванови, минибуси, еден автобус…).
-Возилата треба да бидат во техничка исправна состојба, со репрезентативен ентериер и екстериер и со полн резервоар гориво. Изминатата километража на ВИП патничките автомобили на денот на примопредавање (24 ноември 2023) не смее да биде поголема од 200.000 километри, пишува во договорот на набавка.
На конференцијата на ОБСЕ во Скопје најавено е дека ќе допатуваат 70 министри.
За овој самит МНР веќе потпиша договор и со компанијата „Еуровиа“ од Тетово вреден 1,8 милиони евра за реконструкција и прилагодување на спортската сала „Борис Трајковски“ за потребите на конференцијата. Инаку компанијата „Еуровиа“ е спонзор на ДУИ, партијата чиј портпарол е токму Бујар Османи. Овој податок предизвика бурни реакции во јавноста, но реконструкцијата на спортскиот центар е веќе во тек.
За самитот е ангажирана и агенцијата „Рејтинг“ за 120.000 евра. Вкупно, предводено е самиот да го чини македонскиот буџет околу пет милиони евра (заедно со хотелското сместување на министрите и делегациите).