Поднесено е ново обвинение против градоначалникот на Општина Куманово и кандидат за претседател од движењето „ЗНАМ – За наша Македонија“, Максим Димитриевски.
Димитриевски од ОЈО Куманово добил покана да се јави во Обвинителството бидејќи е обвинет за кривично дело „Неизвршување на судска одлука“, а засега не е познато кој е подносител на кривичната пријава.
-Притисоците не престануваат туку како и што очекував се интензивираат. Ваквите постапки не ме обесхрабруваат туку дополнително ме мотивираат да го демонтираме овој режимски систем. Ќе има и правда а ќе има и мир а непристрасните професионалци ќе добијат шанса да изградат и правен и функционален државен систем, објави Димитриевски на социјалните мрежи, споделувајќи фотографија од поканата за давање изјава во Кумановското обвинителство.
Ова е второ обвинение за кумановскиот градоначалник по обвинението за злоупотреба на службена положба и овластување.
Обвинението го започнаа две правни лица, а случајот се однесува за изградба на станбени единици. Подносителите тврдат дека се оштетени за околу 2 милиони евра. Димитриевски смета дека случајот е монтиран, во пресрет на изборите.
Наредното рочиште за тој судски случај е закажано за 30-ти месецов.