Поднесено е обвинение против 21-годишен скопјанец за убиството на Никола Саздовски Саздо и доставен предлог за продолжување на претходно определената мерка притвор, соопшти денеска Основното јавно обвинителство. Познато е, во септември годинава од Германија беше екстрадирано лицето Јетон Лужа кој се бараше за ова дело. Претходно, во судската постапка на по 19 години беа осудени лицата Бесир Бела и Скендер Демири, кои сега се жалат на пресудата.
-Обвинетиот, заедно со уште две лица за кои постапката беше раздвоена и за кои веќе е донесена првостепена пресуда на Основниот кривичен суд Скопје, на 29.06.2018 година на свиреп начин го лишиле од живот оштетениот Никола Саздовски. Тие му пристапиле на оштетениот на автобуска постојка на булеварот „Александар Македонски“ и му побарале лична карта. Кога оштетениот им ја покажал, тие му се обратиле со зборовите „А ти си тој Никола Саздовски викан Саздо“, по што сите тројца заедно започнале да го удираат со боксови во главата и градите. Од силината на ударите оштетениот изгубил рамнотежа и паднал на тротоарот, по што обвинетите продолжиле со клоци да го удираат во градите и главата. Од ударите Саздовски западнал во коматозна состојба и како резултат на нанесените тешки телесни повреди починал на 09.07.2018 година на Одделението за анестезија и реанимација при Универзитетската клиника за трауматологија, ортопедски болести, анестезија, реанимација, интензивно лекување и ургентен центар – ТОАРИЛУЦ, информираат од ОЈО.