Поднесено обвинение за насилство врз телевизиска екипа

Основното јавно обвинителство Скопје до надлежниот суд поднесе обвинение против 53-годишник за кривично дело – Насилство според член 386 став 3 во врска со став 1 од Кривичниот законик.

Во соопштението се наведува дека обвинетиот, на 21 август, пред берберница во Старата скопска чаршија, малтретирал, грубо навредувал и насилнички се однесувал кон новинарска екипа на ТВ Алсат и предизвикал чувство на вознемиреност и страв кај сведоци на настанот.

-Додека снимател и две новинарки снимале за потребите на телевизијата, тој најпрвин излегол од берберницата и започнал гласно да ги пцуе. Потоа влегол внатре и зел ножици, по што се вратил кај оштетените и директно им се заканил дека ќе ги убие. Тие започнале да се повлекуваат на друга локација, но во тој момент обвинетиот му пришол од зад грб на снимателот и го удрил со тупаници по главата. Оштетениот во прв момент изгубил рамнотежа од ударот и ја спуштил камерата. Потоа се исправил и започнал да се брани од ударите на обвинетиот. Наскоро интервенирале и други граѓани за да го спречат натамошното насилство и го одвлекле обвинетиот во берберницата, соопшти Обвинителството.

Од поведувањето на постапката за осомничениот на сила се мерки на претпазливост.

Претходна вестЧетири кандидатури за претседател на Друштвото на писателите на Македонија
Следна вестЗаложничка криза на аеродромот во Хамбург