Бројни поетски, книжевни и културни настани ќе се организираат во Македонија по повод на одбележувањето на Светскиот ден на поезијата – 21 март. Денеска во Скопје ќе биде одржано свеченото прогласување на добитниците на наградите „Златен венец“ и „Мостови на Струга“ во рамки на Струшките вечери на поезијата. Дирекцијата на Струшките вечери на поезијата вечерва во 18.30 часот организираат поетско читање во Спомен-домот на браќата Миладиновци во Струга на кое ќе настапат истакнати поети од Струга, Вевчани, Охрид, Кичево и од Скопје, а ќе бидат прочитани и песни од добитниците на наградите „Златен венец“ и „Мостови на Струга“ за 2024 година.
Во просториите на Европската куќа во Струга (Еуропе Хоусе Струга) вечерва ќе се случува поетско читање за млади – „Пулсот на поезијата“ на кое ќе читаат млади поети од различни градови. По тоа ќе има концерт на Пијан Славеј.
„Напиши стих – купи кафе“ е настанот што ќе се случува денеска од 10 до 12 часот во Прличевата одаја во Градската библиотека „Григор Прличев“ во Охрид.
Денеска во Скопје Сити мол е отворањето на настанот „Денови на поезијата“ кој ќе трае до недела (24 март). Настанот ќе го отвори актерот Никола Ристановски со интерпретација на стихови Кочо Рацин, Ацо Шопов, Гане Тодоровски, Матеја Матевски, Петре М. Андреевски и Влада Урошевиќ во 18 часот. Потоа за нив ќе говори професорката Весна Мојсова Чепишевска, а тоа ќе го проследат препеви на поезијата на Ацо Шопов на повеќе јазици.
Книжевниот клуб Куманово на 23 март (сабота) го организира настанот „Во друштво на поетите“ во кафе-книжарницата „Букси“ во Куманово. На настанот кој ќе започне во 12 часот свои стихови ќе читаат Христина Кочовска, Христијан Илиевски, Александра Илиева, Розе Укоска, Кристина Ставревска, Магдалена Петровска, Марија Колевски, Софија Величковска, Анастасија Анѓеловска, Даниела Ефтимова, Јована Лазаревска, Андреј Трајковски, Кристијан Блажевски, Бојан Димовски, Христијан Мурџески, Соња Милошоска и Рената Пусоска.