Отштета од 13.300 евра треба да им исплати Македонија на четири сексуални работнички поради тоа што полицијата во 2008 година ги понижувала и недостоинствено се однесувала кон нив. Вака пресудил Европскиот суд за човекови права по тужбата којашто ја покренале приведените сексуални работнички.
Се работи за приведување по полициска акција во ноември 2008 наречена тогаш ,,Сузбивање на улична проституција“ кога беа приведени 23 сексуални работници, активистка на здружение на граѓани и неколку случајни минувачи кои беа затекнати покрај кејот на реката Вардар. Од сите приведени, 23 сексуални работници без да бидат информирани за причините за лишување од слобода, беа задржани цела ноќ во полициската станица Бит Пазар. Утредента биле однесени на Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби каде биле тестирани за крвно и сексуално преносливи болести, па беа пуштени на слобода.
Навладината ХОПС соопшти дека Европскиот суд за човекови права донесе пресуда: Д.Х. и други против Република Северна Македонија бр. 44033/17, со која утврди дека државата ги изложила сексуалните работници на нехуман и понижувачки третман додека биле лишени од слобода во полициска станица, оставени цела ноќ без храна, вода и пристап до тоалет.
-Исто така, Судот утврди повреда на правото на приватност поради објавата на фотографии од жртвите на веб страна на Министерството за внатрешни работи без да биде прикриен нивниот идентитет и ја задолжи државата да им исплати износ од 13.300 евра за претрпените повреди и неефикасната заштита на нивните права пред домашните судови, вели ХОПС .
По само неколку месеци од настанот, со поддршка на Здружението ХОПС, 13 сексуални работници поднеле тужба за заштита на нивните лични права пред Граѓанскиот суд Скопје, кој во два наврата утврдил повреда на правата и ги задолжил МВР и Кривичниот суд Скопје да ја надоместат штетата за извршените повреди. Откако Апелациониот суд конечно ја преиначил пресудата, четири од жртвите борбата ја продолжиле пред Европскиот суд за човекови права.