Од денеска забраната за движење на населението и на возила од јавниот превоз во Македонија ќе важи од 21 до 5 часот наредниот ден. Исклучок од забраната и посебниот режим на движење се вечерните часови меѓу 1 и 2 мај, односно за време на верскиот празник Велигден, и вечерта меѓу 13 и 14 мај за време на верскиот празник Рамазан-бајрам.
-Pочнувајќи од денеска, сите угостителски објекти може да работат само во отворените делови, односно на терасите на угостителските објекти, и тоа до 20.30 часот по што треба да бидат затворени за посетители, информира Владата по вчерашната седница.
Компаниите од угостителската дејност регистрирани за прослави (свадби, родендени, крштевки и слично) ќе може да ја организираат работата само како ресторани на отворено, односно на терасите, а забраната за организирање свадби, родендени, крштевки и слично останува. Од денеска престанува да важи и забраната за организирање, одржување и присуство/учество на семинари, обуки, работилници, курсеви, конференции и други настани од ваков тип.
Како што соопшти Владата, новите мерки ќе важат до 15 мај.