Полициските униформи стануваат двојазични, реакциите се на повеќе јазици…

Полициските службеници во Градот Скопје и одредени општини ќе носат двојазични ознаки на нивните униформи откако Владата вчера реши да ја донесе Уредбата за униформата и ознаките на униформата на полицијата. Промената е извршена врз основа на Законот за употреба на јазиците.

– Во Законот, според член 8 став (3) е утврдено дека униформите на полицијата во Скопје и во општините во кои најмалку 20 отсто од граѓаните зборуваат службен јазик различен од македонскиот јазик, се напишани на македонски јазик и неговото кирилско писмо, како и на јазикот што го зборуваат најмалку 20 проценти од граѓаните во Република Северна Македонија и неговото писмо, се наведува во владиното соопштение.

Обврската ќе стапи во сила осмиот ден откако ќе се објави во „Службен весник“, а ќе отпочне да се применува во текот на една година од денот на влегувањето во сила.

Прашањето на воведување на двојазични ознаки на полициски униформи е актуелно повеќе години, а беше форсирано од ДУИ. Пред три години, тогашниот мандатар за состав на нова влада и лидер на СДСМ Зоран Заев ги нарече како „шпекулации“ изјавите дека во Македонија ќе има двојазични банкноти и униформи на полицијата, армијата и на противпожарните единици.

Нема да има двојазични банкноти или униформи, бидејќи тоа не е во согласност со Уставот, бидејќи денарот и униформите се употребуваат на целата територија на Република Македонија. Основен принцип во полицијата и армијата е единственост на униформата што значи стандардизирана облека, изјави  тогаш Заев.

Но сега, носењето на двојазични ознаки се дозволува во општини каде припадници на одредени етнички заедници се застапени повеќе од 20 проценти.

Лидерот на ДУИ Али Ахмети денеска, во објава на Фејсбук, напиша дека се случила „уште една успешно завршена работа“.

Наспроти ова лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски синоќа изјави дека „не е изненаден од ваквата одлука“.

-Димитар Ковачевски може дури и да направи тетоважа на челото на два јазика, три или четири, ова не ме чуди. Би бил изненаден ако донесат нови фабрики, да отворат нови работни места, да имаат економски раст, да имаат повеќе пари. Да немаше скандали, ќе ме изненадеше ако направеа нешто добро, изјави Мицкоски.

Првиот човек на опозициска Левица, Димитар Апасиев, пак, порача дека функционерит од власта ќе завршат во затвор.

-Не ј*бат ни Устав, ни закон! Двојазични униформи на полицијата си вовеле со Уредба на Влада!? СДС се најголемото зло што некогаш ја снашло Македонија…, е дел од напишаното од Апасиев на Фејсбук.

Претходна вестСе средуваат патеките во Градскиот парк, ќе дојде ли редот на зеленилото?
Следна вестЗеленски предлага Украина да се откаже од НАТО, Лавров бара и нешто друго…