Помалите партии ќе ја напуштат ли владината коалиција ако не се изгласа една изборна единица?

Избори наближуваат во Македонија. Опозицијата бара да се предвремени, ама и ако се одржат во предвидениот рок – се за неколку месеци. И што бидна, ќе се смени ли изборниот модел – и Македонија на парламентарните избори да биде една изборна единица?

Сите партии зборуваат за тоа, но скоро никој не прави ниту еден поконкретен чекор да за бидат усвоени такви измени. Ваква е состојбата со предлогот да се направат измени во Изборниот законик со кои Македонија би била една изборна единица во која пратениците би се избирале без изборен праг. Предлогот е стар веќе две години, поднесен уште во 2021 година, а дури лани во март во собраниската Комисија за политички систем и односи меѓу заедниците тргна во некаква процедура.

Но, се чини, сето тоа е повеќе изнуден потег отколку што навистина се сака да се дојде до прифатлив предлог. Дали најголемите владеачки партии СДСМ и ДУИ со таквото отворање на постапка сакаа да го „амотризираат“ условувањето на помалите партии во нивната коалиција коишто се заканија со напуштањето на власта ако прелдогот не биде ставен во процедура?

Предлагачи на законот, инаку, се пратеници: Павле Трајанов, Димитар Апасиев, Боби Мојсовски, Љупчо Балковски, Панчо Минов, Моника Зајкова, Борислав Крмов, Маја Морачанин и други пратеници кои се од помалите партии.

– ДОМ ќе ја напушти Владата ако до јуни претседателот на Собранието Талат Џафери не ги стави на пленарна седница измените на изборниот модел. Промената на изборниот модел бил услов при преговорите за формирање и на владата предводена од експремиерот Зоран Заев и со актуелната на Димитар Ковачевски. Услов на ДОМ е во првите 100 дена од изборот на Владата, еве во јуни истекуваат тие 100 дена, да продолжи дискусијата за Предлог-законот за промена на Изборниот законик за една изборна единица. На пленарна седница треба да се отвори дебатата и да има јавна расправа и да ги слушнеме сите различни ставови. Во спротивно, ќе излеземе од Владата, тоа беше најава уште при реконструкцијата на Владата, изјави во мај годинава Маја Морачанин, лидер на оваа партија.

Меѓутоа, освен што се стави во процедура и што се слушаа ставовите друго придвижување нема. Вчера лидерот на Демократски сојуз Павле Трајанов повика итно да се изграса изборниот модел со една изборна единица.

-Македонија треба да биде една изборна единица, како клучен предуслов за демократизација на државата и промени кои ќе гарантираат коренити реформи, владеење на правото, борба против криминалот и просперитет на државата, рече Трајанов.

Согласно заклучоците, за предлог-законот имаше јавна расправа, но забелешки не се доставени, поради што, според Деловникот за работа на Собранието, треба да почне втората фаза, предлагање на амандмани и гласање за усвојување на измените со кои Македонија ќе биде една изборна единица. Сега се чека на расправа во Комисијата за политички систем и односи помеѓу заедниците, како и во Законодавно-правната комисија, со што ќе се создадат услови за расправа и одлучување на пленарна седница. А работите се застанати на позиција во која ВМРО-ДПМНЕ поддржува една изборна единица, исто како и СДСМ од каде наведуваат дека за праг од 5 отсто што го предлага ДУИ треба да се разговара. Но, ваков праг не е прифатлив за помалите партии, но и оттаму се подготвени за компромиси.

-Може да се разговара и за промена на математичката формула за пресметување, односно наместо Донтовиот модел, најсоодветна би била Харе квотата, став е на лидерката на ЛДП Моника Зајкова.

И така, ќе си даваат изјави, ќе си кажуваат ставови и пак нема ништо да направат пред изборите? Ako наскоро ништо не се смени, подготвени ли се, тогаш, помалите партии да чекаат пак со години или ќе го реализираат ветеното – напуштање на владината коалиција?

Претходна вестДрвокрадци претепале шумски полицаец
Следна вестЧистачка во Штутгарт им наплаќала на посетителите за бесплатен тоалет, заработила илјадници евра