Помилува, поставува амбасадори, предлага Гувернер… кои се надлежностите на македонскиот претседател?

Со денешната инаугурација првата жена претседател на Македонија – Гордана Силјановска Давкова ќе ги преземе и сите надлежности на македонскиот претседател. А надлежностите се предвидени со Уставот, и се однесувата на повеќе области.

Така, во уставните одредби е наведено дека Претседателот на Македонија ја претставува Републиката и е врховен командант на вооружените сили. Своите права и должности Претседателот ги врши врз основа и во рамките на Уставот и законите.

Претседателот на Републиката се избира на општи и непосредни избори, со тајно гласање и со мандат од пет години.

Пред преземањето на должноста, новиот претседател дава свечена изјава пред Собранието со која се обврзува на почитување на Уставот и законите на државата.

Во продолжение ги наведуваме сите надлежности на Претседателот на државата:

 

Врачува мандат за состав на Влада

Ги поставува и ги отповикува со указ амбасадорите и специјалните пратеници на земјата во странство

Прима акредитивни и отповиковни писма на странските дипломатски претставници

Предлага двајца судии на Уставниот суд

Предлага двајца членови на Судскиот совет

Предлага Гувернер на Народната банка

Именува и разрешува директор на Агенцијата за разузнавање

Поставува и разрешува Началник на Генералштабот на Армијата

Именува тројца членови на Советот за безбедност

Именува и разрешува и други носители на државни и јавни функции утврдени со Уставот и со закон

Доделува одликувања и признанија во согласност со закон

Дава помилување во согласност со закон и врши други функции утврдени со Уставот

Претседателот потпишува и указ за прогласување на законите со претседателот на Собранието, но истиот може и да одлучи да не го потпише.

 

 

По тоа Собранието повторно го разгледува законот и доколку го усвои со мнозинство гласови од вкупниот број пратеници, претседателот на Републиката е должен да го потпише указот.

Тој е должен доколку според Уставот, законот се донесува со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број пратеници.

Исто така, најмалку еднаш годишно, Претседателот на Републиката го известува Собранието за прашања од неговата надлежност.

Претходна вестШвајцарецот Немо победи на Евровизија па го скрши трофејот, си го повреди и прстот
Следна вестНепознато лице украло документи и компјутери од Управата за матични книги во Прилеп