Швајцарецот Немо победи на Евровизија па го скрши трофејот, си го повреди и прстот

Швајцарскиот претставник Немо Метлер со песната „The Code“ со освоените 591 поен, најмногу поради гласовите на жирито победи на синоќешното издание на Евровизија. На второто место е Хрватска со 547 бодови, а третото место го зазеде Украина со 453 поени. Најлоша беше Норвешка, која беше на самиот крај со 16 поени, пред Австрија и Словенија со 24, односно 27 поени.

Речиси сите жирија на швајцарскиот претставник му дадоа 12 поени, но Хрватска имаше најмногу поени од телевотингот, но недоволно за да го престигне. Хрватска од стручното жири имаше само две дванаесетки и тоа од Кипар и Србија.

Годинешново издание на овој музички натпревар го одбележаа низа скандали – Холандија беше дисквалификувана, водителките одбија да ги прочитаат резултатите од гласањето, публиката ја исвирка претставничката на Израел, а победникот го скрши трофејот! На победникот Немо Метлер само неколку минути откако минатогодишната победничка Лорин му го врачи пехарот, му се случи пех! На сцената пред публиката скокна и Немо кој во екстаза падна на колена, а трофејот во облик на стаклен микрофон, удри во патосот, по што пукна.

– Не можам да верувам. Ви благодарам на сите. Се надевам дека младите луѓе ќе бидат видени, дека младите небинарни луѓе ќе бидат видени, дека трансродните луѓе ќе бидат видени… Веднаш по победата ми се скрши трофејот. Повреден ми е и прстот, но веднаш ми дадоа нов трофеј, изјави потоа Немо.

Набрзо на прес-конференцијата покажа дека трофејот е поправен, а потоа рече „дека можеби малку може да се поправи Евровизија“.

Немо е првиот небинарен изведувач кој победи на Евровизија и рече дека се чувствува горд не само за себе, туку и за заедницата на луѓе кои се небинарни или родово флуидни.Тој се надева дека ќе има повеќе емпатија и разбирање меѓу нив.

Небинарните луѓе го доживуваат својот пол и како машко и како женско, додека други го доживуваат својот пол ниту како маж, ниту како жена. Небинарното, исто така, може да се користи како кровен термин, опфаќајќи многу родови идентитети кои не се вклопуваат во бинарното машко-женско. Небинарните луѓе бараат да им се обратат со оние, тие, нивен.

Претходна вестВо Скопје ќе се одржат „Беломорски Видувања”, средба на Македонците од Егејскиот дел на Македонија
Следна вестПомилува, поставува амбасадори, предлага Гувернер… кои се надлежностите на македонскиот претседател?