Попишани 1.832.696 лица, непопишаните ќе се вадат од базите, за оние кои одбија ќе има постапки

Со пописот кој траеше од 5-ти до 30 -ти септември, попишани се 1.832.696 лица, 568.175 домови и 837.255 станови. Оние кои поради било која причина останале непопишани, ќе бидат пронајдени во некои од базите при обработка на податоците и ќе бидат дел од пописот, соопшти вечерва директорот н Државниот завод за статистика Апостол Симовски.

Оние кои изминативе денови се попишуаа на пунктовите во општините според Симовски се околу 10.000 лица.

Бројот на оние пак кои одбиле да се попишат е занемарувачки, односно минимален, одговори тој на новинарско прашање, но рече дека во овој момент не може да каже бројки, но со сигурност може да каже дека не се работи за проценти, туку за промили.

Точниот број ќе се знае кога се обработуваат податоци и од пријавите на попишувачите.

За тоа дали ќе има санкции за нив, односно казни за тоа што одбиле да се попишат, Симовски рече дека тоа не е нивна надлежност.

-За оние кои одбија да се попишат ќе има изјави од попишувачите и ќе следат постапки. Но тоа не е наша надлежност, рече Симовски.

Апликациите за попишување во земјата и за самопопишување на дијаспората се затворени вечерва во 20 часот, со што завршија пописните активности во рамки на Пописот на населението, домаќинствата и становите 2021.

Најголемата статистичка операција по 20 години во земјава траеше 26 дена, од 5 септември до денеска.

Државниот завод за статистика во следните неколку дена треба да ги направи последните проверки и сумирање на податоците, како и технички активности на раздолжување на попишувачите.

Официјалните резултати од пописот ДЗС треба да ги објави најдоцна за шест месеци, односно до крајот на март 2022 година.

Пописот 2021 се спроведе под строги здравствени протоколи и во услови на пандемија на ковид-19, соглано нова методологија на Евростат и за првпат со комбиниран модел – освен прибирање на податоци директно од населението на терен, се користеа и податоци од таканаречената Претпописна база, каде со внесувањето на матичниот број на граѓанинот во пописната апликација, автоматски се повлекуваа сите податоци што за тоа лице постојат во базите во државата.

 

Претходна вестПукање во Чаир, претепано едно лице
Следна вестЧленови на ДУИ слават со пукање со огнено оружје на митинзи, зошто МВР не интервенира?