Во организација на иницијативата Зелен Хуман Град денеска, со почеток во 16:00 часот почнува протестниот марш за чист воздух. Ќе почне со протестирање од Министерство за животна средина, преку Собрание и ќе заврши пред Владата на Република Македонија.
-Протестираме бидејќи секоја година во Македонија се бележат околу 3.828 смртни случаи предизвикани од изложеност на честичките PM2.5, кои се меѓу најштетните за здравјето. Тоа изнесува 17.7% од вкупната смртност во државата. Овие честички се поврзани со широк спектар на здравствени проблеми, како што се белодробни заболувања, срцеви удари и рак на белите дробови, се наведува во повиокот од ЗХГ.
-Особено загрижувачки е дека еден од девет смртни случаи кај деца до една година во Македонија е поврзан со загадениот воздух! Загадувањето во Скопје и другите градови во Македонија со години е проблем на сите жители, а со тоа и на секоја власт. Колку побрзо се почне со спроведување мерки кои меѓусебно се надополнуваат и си го зголемуваат позитивниот ефект врз квалитетот на воздухот – толку побрзо ќе го решиме овој долгогодишен проблем, додаваат оттаму и бараат надлежните институции да преземат итни и среднорочни мерки за справување со загадувањето на воздухот.
Сѐ што треба е само да дојдете и да застанеме рамо до рамо за чист воздух! Скопје мора да дише! Македонија мора да дише! Се гледаме на улица! – е вели во повиокот за приклучување кон маршот.