Во своето експозе за раководењето на МАНУ во мандатниот период 2024-2027, новиот претседател на МАНУ, Живко Попов се осврна на неколку, како што рече, „општествени аномалии“ и „круцијални предизвици на кои би требало да се обрне посебно внимание“ и кои, рече, се предмет на критики во годишните извештаи на Европската комисија.
Посочи на „генерална партизација“ на институциите, особено во јавната администрација. Притоа нагласи дека треба „час поскоро да се укине балансерот при вработување во институциите“ зашто со него „се испушта критериумот за квалитет и компетентност“. Предупреди и на „руинирање на здравствениот систем и политизирање на Клиничкиот центар“, потценување на научно-истражувачката работа, хипертрофирана мрежа на систем на високо образование, прекумерна употреба на европското знаменце, нефункционален правосуден систем и селективна правда. Исто така, ги посочи и демографските проблеми, моноцентричниот развој на државата што предизвикува масовно доселување во главниот град и миграциите во странство посебно на млад високообразован кадар.
-Состојбата на државата во која општеството е поделено по повеќе основи е комплицирана, па затоа потребно е, пред се, национално единство за најважните државни прашања. Ќе биде неопходно насочување на Академијата кон државата и битно зголемување на бројот на национални проекти во наредниот период, порача Попов.
Смета дека МАНУ „има институционален капацитет преку научно фундирани стратегии да ѝ помогне на државата во справувањето со овие тешки општествени појави“.
Нагласи дека на политиката, партиите и дневно-политичките теми не им е место во Академијата, но дека таа „не смее да молчи ако има знаење, можности и капацитет да советува и да дава стратегиски насоки“.
-Секогаш треба да е присутна и потенцирана самостојната и политички независната позиција на МАНУ. Но, за вакво нешто потребна е поголема гласност на Академијата, повеќе соопштенија, многу повеќе информации до јавноста за тоа што работи МАНУ, порача Попов во неговото експозе.
Во оваа пригода тој, како што рече, уште еднаш сака да ја промовира „европската идеја за Македонија која е стара колку и земјата македонска“. Истакна дека македонскиот народ е свесен дека е европски народ и дека местото му е во европската заедница на народите и дека евроскептицизмот што се појавил во последно време е „резултат на пречките кои ЕУ неправедно ни ги постави на нашиот европски пат“.
-Тие најмногу се однесуваат на меѓународно преземените обврски во врска со Договорот од Преспа и оној за добрососедство со соседна Бугарија, кои поминаа всушност без прав референдум, иако по значење претставуваа референдумски прашања, чиишто последици се евидентни и се уште не им се гледа крајот. За нив земјата направи болни компромиси, но и покрај тоа изостана отворањето на процесот на преговори со ЕУ. Само преку рамноправен дијалог и соработка со соседите и ЕУ, може да се дојде до разумни решенија за создадените проблеми, зачувувајќи го притоа културното и историското наследство кое му припаѓа на македонскиот народ, како европска вредност, истакна претседателот на МАНУ.