Попова Шапка доби супермодерна жичница, а паркинг кога?

Еден од нашите најголеми зимски центри, Попова Шапка денеска за првпат сезонава ја стартуваше новата шестосед-жичница.

„Лајтнер“, како што уште и е името денеска промотивно беше бесплатна за посетителите, а од утре, кога почнува со редовна работа од 9 до 15:30 часот ќе чини 150 денари.

Се промовира како супермодерна жичница, единствена од ваков вид во земјава, со должината на трасата од 1510 метри, со максимален капацитет за транспорт од 2400 скијачи на час, од Мал Јелак до врвот на ски-лифтот Ајдучка Рамнина (поранешно Ге).

Нејзината атрактивност, но и условите кои ги налага пандемијата ќе привлечат голем број посетители, кои можеби изминатите години заминувале во скијачките центри надвор од земјата, најчесто во соседството.

Но, проблемот со кој и денеска се соочија големиот број посетители е недостатокот на паркинг – простор. Додека не се најде конечно инфраструктурно решение, тие се упатуваат на паркингот кај хотелот „Славија“.

-Во врска со паркингот веќе имав состанок пред два дена со градоначалничката на општина Тетово и со началникот на СВР Тетово. Се договоривме  што е можно повеќе да ги одржуваме паркинзите што ни се на располагање моментално, големиот паркинг доле и паркингот на хотелот „Попова Шапка“. Да се чистат патиштата за да можат да се паркираат уште еден ред автомобили. Исто така, веќе презедовме мерки и за  паркингот над хотелот „Славија“, кој е ставен во употреба, подготвен е, чист е и ги повикувам луѓето да се паркираат и на тој паркинг горе, кој има капацитет за минимум 300 автомобили, изјави директорот на ЕЛЕМ Турс Адем Авзиу, кој стопанисува со скијачкиот центар.

Денешниот метеж и барањето паркин – место повеќе, покажа дека и во овој случај зимската сезона ги изненади надлежните.

Претходна вестСкопјанец војувал во Сирија, добил потерница, а сега и обвинение
Следна вестТаксист од Скопје пренесувал и продавал марихуана во Куманово