Јавниот автобуски превоз во Скопје ќе биде бесплатен се додека не се регистрира пониско загадување на воздухот, соопштија од Град Скопје.
Поради зголеменото загадување на воздухот, кое го констатираше Министерството за животна средина, Градот Скопје усвои низа мерки и препораки ќе се обиде да го намали нивото на штетните ПМ10 честички во воздухот.
Согласно Законот за квалитет на амбиентниот воздух и по добиеното известување од страна на Министерството за животна средина и просторно планирање дека квалитетот на воздухот последователно два дена е надминат над законски пропишаниот миниумум, (над 150 μg/m3 среднодневни концентрации на ПМ10) на мерните станици во Центар, Лисиче, Гази Баба и Ректорат, Градот Скопје ги информира граѓаните дека ги прогласува следните мерки од прв степен – предупредувања и препораки за намалување на загадувањето на воздухот и заштита на здравјето на граѓаните:
– Бесплатен јавен превоз во автобусите на ЈСП и на приватните превозници
– Зајакнат инспекциски надзор на инсталациите под надлежност на Град Скопје
– Ограничување на градежни активности на објектите во надлежност на Град Скопје
– Интезивна контрола на градилиштата, односно возилата што излегуваат од градилиштата мора да имаат измиени тркала и да се покриени со церади заради контрола на прашината.
– Зачестено машинско миење на градските улици и булевари што се во надлежност на Град Скопје и препорака на скопските општини да го направат истото на улиците што се во нивна надлежност.
– Зајакната контрола на имателите на одобренија за доставување на стока преку Инспекторатот на Град Скопје. Воедно го повикуваме Министерството за внатрешни работи да спроведе засилени контроли на правните субјекти кои поседуваат одобренија за доставување на стоки издадени од страна на Градот Скопје.
– Апел до вработените во Град Скопје, јавните претпријатија и институции на работа да доаѓаат со автобусите на јавниот превоз.
– Градоначалниците на општините во градот Скопје да ги интензивираат инспекциските надзори над субјектите кои управуваат со отпадни гуми и отпадни масла.
– Министерството за внатрешни работи да спроведе ограничување на обуките на автошколите од 9,30 до 14,30 и по 18,00 часот.
– Министерството за животна средина, Државниот инспекторат за животна средина и општините да извршат засилени контроли над инсталациите што се под нивни ингеренции.
– Министерството за внатрешни работи да ги зајакне контролите на почитување на забраната за движење на тешки товарни возила чијашто крајна дестинација не е Градот Скопје и кои ќе се упатуваат да ја користат скопската обиколница, во согласност со поставената сообраќајна сигнализација.
– Министерството за внатрешни работи да врши зачестени контроли на издувните гасови на возилата кои учествуваат во сообраќајот.
– Откажување/одложување на јавни собири, спортски настани и културни настани на отворено.
– Препорака градежната механизација да не се става во употреба за време на сообраќајниот метеж.
– Да се користи јавниот превоз, возилата да се користат само во непоходни ситуации.
– За затоплување на домовите да не се користат отпадни материјали, прегорено машинсо масло, лакирани и обоени отпадоци од дрво, стиропор, ПЕТ амбалажа, гуми и каков било синтетички материјал.
– Да се користи суво и чисто дрво без примеси од земја и отпадоци.
– Печките на дрво да се користат и одржуваат според упатствата на производителот.
– Редовно да се чистат оџаците.
Итните мерки и препораки за намалување на загадувањето на воздухот се согласно Краткорочниот акционен план за заштита на амбиентниот воздух во град Скопје кој е донесен од Советот на Град Скопје. Овие мерки ќе бидат во сила се додека не се намали загадувањето под прагот за алармирање, односно под 100 микрограми на кубен метар.