Што може вистински да промени заробениот партиски ум?

Koлумна на Владимир Величковски:

Чести промени во власта во развиените земји не се одразува на функционирањето на државата, меѓутоа, чести и лоши промени во власта прават дисконтинуитет и подлабока криза во една мала и сиромашна земја. Партиското, коалициско самоволие и дивеење и натаму поминува неказнето нагласувајќи ја суштествената поделеност во земјата. Лицата од власта најмногу би сакале да не гледаме што прават (од лошо, полошо) туку што говорат, а не говорат ништо искрено ниту значајно, најмалку во интерес на народот. Која вистинска држава дозволува таков голем пад на образованието, науката и културата, тешка неправда и толку нестручни министри кои ротираат и вработувања  во администрација според партиска припадност? Каде е тука реалната моќ и одговорност на Владата и на другите функционери? Сите сакаат удобно да го поминат својот редовен или скратен мандат а државата и народот им се на последно место! Неспособен министер од едно министерство се назначува во друго – партиски комбинирано за да го суреди и него. Што може вистински да промени заробениот партиски ум во заробена или хибридна држава освен да продуцира беззаконие и корупција?

Се случи селективен протест за нерешено помилување на затвореници, без видлива реакција: плиснаа црвена боја, која има симболика, пред влезот на Министерството за правда, а што ако бојата, неконтролирано се разлееше и на други институции за неправда!? Кенеди има речено:„Правата на секој човек се намалени кога правата на еден човек се загрозени“. Кај нас има голем број онеправдени, а никого не го заболе глава за тоа. Смислија уште еден израз „човечки ресурси“ и тоа во хумано општество на апатични и некритички поединци кои веќе зазеле страна. Од скоро создаваме демократија и потрошувачко општество (некаков рефлекс на неолиберализмот), време кога повеќе сакаме лесна забава отколку да мислиме, на пример, за отчет и одговорност. За Албер Ками (автор на романот „Чума“ и на „Митот за Сизиф“) постои морален факт, како и апсурдност и благородност, „метафизички револт“ во човекот. Моловите  станаа центри (претпразнични) за прослави и промоции, пред се, заради потрошувачка. Во тој филм е уметноста и критиката. Вест на денот е: нема да поскапат само неколку основни продукти, а тоа значи да следат гладни години, а ќе се „спасат“ оние кои не знаеја да ја предвидат кризата како и начинот на кој треба да се преговара со источниот сосед. Само увезен тајфун (со македонско име) може да не спаси од корупцијата на партиите кои го рушат општеството и државата. Што и значи на власта, освен пригодан реч, денот на детето, денот против корупцијата и семејно насилство, денот против насилство врз жената и за човековите права!? Сега сите протестираат за законско регулирање на нивните права (меѓу другите и сексуалните работнички). Уставот стана „отворено поле“ за „слободно“ дополнување и корегирање. Каде го има тоа? Од каде доаѓаат тие фалш месијански апели?!

Во каква земја и во какви услови живееме: како фрлено месо (од некое кафанче) врз капакот на длабок контејнер кој смрди. Има луѓе кои (и пред децата) јадат расипана салама и друго. Можеби така сакаат, ќе рече некој забеган интелектуалец. Постар питач (како од сликата на Мартиноски), на студено, пред себе правилно распоредил свои фотографии и парчиња леб и разни дрангулии. Вистинска  концептула во животот. Од каде ќе излее новата енергија и новиот елан?

Претходна вестСе расчистува дивата депонија во Долно Лисиче
Следна вестПоради загадениот воздух: Бесплатен автобуски превоз и други мерки за ограничен престој на отворено