Утре завршува мерката полициски час, ќе има ли продолжение?

Утре изутрина во 05 часот престанува да важи одлуката на Владата за воведување на полициски час по што надлежните државни органи ќе треба да решат дали и какви рестрикции ќе има во земјава. Односно, дали и натаму ќе има полициски час или некој друг вид превентивни мерки против корона вирусот. На одлуката ќе и претходни анализа на трендот на новозаболените во изминативе 12 дена, а во кој период варираа дневни податоци за бројот на новозаболените – од 284 па до 1.299 новозаболени лица.

Министерот за здравство Венко Филипче неодамна не ја исклучи можноста за воведување дополнителни рестриктивни мерки доколку сегашните не ги дадат посакуваните резултати.

-Ќе извршиме нова проценка за воведување рестриктивни мерки кои би значеле зголемување на времетраењето на полицискиот час и скратување на работата на угостителските објекти. Очекувањата се дека после воведување на една одредена мерка резултатите ќе бидат видливи после седум до 10 дена, што значи дека на почетокот на следната недела очекуваме некакви резултати од воведувањето на полицискиот час од 22 до 5 часот наутро, рече вчера Филипче по посетата на Општата болница во Кочани.

Целта на неговото воведување беше да се ограничи движењето и комуникацијата на младите коишто интензивно комуницираат во паркови, јавни површини, па дури и по домови после затворањето на угостителските објекти зашто беше констатирано дека тие се едни од главните преносители на вирусот.

-Тоа го гледаме од возрасните групи на новодијагностицирани пациенти. Ние сме спремни да воведеме дополнителни рестриктивни мерки доколку сегашните не дадат посакувани резултати, потенцира Филипче.

Претходна вестСе најавува ослободување на образованието, а се именуваат партиски директори
Следна вест141 санкционирани возачи во Скопје, 42 за брзо возење, 15 без возачка