Поранешен агент на ЦИА, обвинет за дрогирање и сексуално злоставување на најмалку дваесетина жени за време на различни странски задачи, вчера пред судот во Вашингтон се изјасни за виновен за сите обвиненија за сексуална злоупотреба, поради што би можело да биде осуден на 30 години затвор.
Брајан Џефри Рејмонд (47) чувал речиси 500 видеа и фотографии на кои може да се видат голи, онесвестени жени, а има и такви на кои може да се види како ги отвора нивните очни капаци и како ги пипка, соопштија обвинителите. фотографиите датираат од 2006 година и следат голем дел од кариерата на Рејмонд, со жртви во Мексико, Перу и други земји, пишува „АП“.
Најмалку 20 жени се јавиле за да им кажат на властите и на Конгресот за сексуалните напади, несаканите допири и за, како што тврдат, напорите на ЦИА да ги замолчи. Приправник на ЦИА беше осуден за напад и злоставување во август, откако и завитка шал околу вратот на колешка и се обиде да ја бакне на скали во седиштето на агенцијата Ленгли, потсетува „АП“.
ЦИА јавно ги осуди злосторствата на Рејмонд, а директорот на ЦИА Вилијам Барнс во мај започна серија реформи за да се насочат барањата, да се поддржат жртвите и побрзо да се дисциплинираат оние кои се вклучени во недоличното однесување.
– Како што покажува овој случај, ние сме посветени да работиме со органите за спроведување на законот за да обезбедиме правдата да биде задоволена. Дополнително, многу сериозно ги сфаќаме сите наводи за сексуален напад или вознемирување и презедовме значителни чекори за да обезбедиме инклузивна средина за нашата работна сила, се вели во соопштението на ЦИА.
Адвокатот на Рејмонд не одговори на барањата за коментар.
Обвинителите го опишаа 47-годишниот Рејмонд како искусен сексуален предатор кој водел детален список на потенцијални жртви организирани по име, етничка припадност и белешки за нивните физички карактеристики.
Чешлајќи ги неговите уреди, истражителите пронашле инкриминирачка историја на пребарување на Интернет за термини како „Амбиен и алкохол и несвестица“ и „вотка и валиум“. Во еден мејл испратен до онлајн аптека, Рејмонд напишал: „Добро попладне, дали имате хлорал хидрат за несоница?“.
Кога бил уапсен пред три години, Рејмонд бил стациониран во Мексико Сити, каде што запознавал жени на апликации за запознавање и ги викал во неговиот стан изнајмен од амбасадата за пијалоци.
Дека Рејмонд е предатор беше откриено дури во 2020 година, откако гола жена, која поранешниот агент ја запознал на Тиндер, викала за помош од неговиот балкон во Сан Диего.
Поради ова, загрижен сосед повикал полиција. Инспекторите ги пребарале електронските уреди на Рејмонд и почнале да ги идентификуваат жртвите, од кои сите опишале дека доживеале некаков вид на губење на меморијата во текот на времето кое го поминале со него. Обвинителите имаа намера да повикаат дури 14 наводни жртви за време на судењето, пишува АП.
Рејмонд минатата година го повлече претходното признание за виновен во случајот, откако успешно ја оспори прифатливоста на одредени фотографии за кои судијата пресуди дека биле незаконски земени од неговите мобилни телефони, откако агентите го принудиле да се откаже од лозинката. Сепак, други фотографии зачувани на сметката на Рејмонд на „ај клауд“ (iCloud) беа примени како доказ.
Рејмонд се изјасни за виновен по четири од 25 точки од обвинението, вклучително и сексуален напад, принуда и транспорт на непристоен материјал.