Силно невреме проследено со град и пороен дожд попладнево околу 16 часот го зафати скопското подрачје. На најголемиот дел од градот наврнаа значителни количества на дожд, а во одредени населби градот беше со големина на лешник.
За кусо време голем број од скопските улици и сообраќајници беа поплавени бидејќи подземната канализација не можеше да ги прифати сите количества на дождовницата. Се уште не е познато дали невремето предизвикало поголеми оштетувања на некоја инфраструктура или автомобили бидејќи дождот се уште трае..
Нестабилното време кое во изминативе два дена го зафати балканскиот регион за денеска беше најавено и од македонските синоптичари.
И за утре се предвидува променливо облачно, посвежо и нестабилно со пороен дожд, грмежи и засилен ветер. Локално процесите ќе бидат поинтензивни во форма на невреме со појава на град и пообилни врнежи. Се очекува да наврне значително количество на воден талог, кое може да надмине 60 л/м2 па така поради ова постојат услови, и опаснот од локални поплавувања.
Во четврток времето ќе биде променливо облачно, посвежо и нестабилно со пороен дожд, грмежи и засилен ветер. Локално процесите ќе бидат поинтензивни во форма на невреме.
Во петок времето ќе биде променливо облачно со сончеви периоди. Локално ќе има појава на пороен дожд и грмежи. Ќе дува слаб до умерен претежно североисточен ветер.