Поранешен поштар во Дојче Пост со години не доставувал пошта во германскиот град Папенбург, туку собирал пратки дома. По анонимна дојава на 2 јануари, компанијата повикала полиција, изјави портпаролката на Дојче пост за „Остфриесен-Цајтунг“.
Портпаролката не даде никакви информации за точниот број на неиспорачаните пакети или временскиот период во кој поштарот ги собрал. Според истражувањето на споменатиот весник, во куќата на поштарот биле пронајдени околу 30.000 писма и дополнителни списанија кои не биле доставени во период од четири години. Според портпаролката на компанијата, поштарот повеќе не работи за нив, и се согласил на взаемна оставка.
Портпаролот на полицијата во Емсланд потврди дека е покрената истрага. „Постојат планини од пошта за сортирање“, рече тој. Сепак, тој не соопшти никакви детали.
Според поштенската служба, пронајдените пратки сега се внимателно прегледани од Дојче Пост и со писмо за извинување се проследени до примателите. „Доколку тоа не е можно во поединечни случаи, пакетите ќе му бидат вратени на оригиналниот испраќач со писмо за објаснување“, рече портпаролката на поштата.
Неодамна, поштар во Австрија беше осуден на десет месеци условна затворска казна за злоупотреба на положбата бидејќи, според неговите сопствени изјави, не доставил околу 14.000 писма и 263 службени документи.
Човекот ги собирал писмата од јуни 2022 година до април 2023 година во неговиот стан, во неговиот автомобил и во шкафче во базата за испорака. Делото го оправдувал со прекумерна работа, што довело до консумирање алкохол, но и приватни проблеми.