Се уште нема нови моменти и детали од истрагата за пожарот кој ја пеплоса модуларната болница во Тетово, во кој загинаа 14 лица. Се уште се чешла документацијата, а исказите на вработените и други сведоци се веќе собрани. На истрагата трет ден веќе работи германскиот тим кој дополнително беше вклучен.
Од моментот кога се случи трагедијата јавноста не престана да реагира стравувајќи дека истрагата може да се одолговлечи. Револтирани се оти тоа веќе се случи со судскиот процес за страшниот настан кај Ласкарци каде загинаа 16 лица. Во февруари ќе навршат 3 години од тој црн ден, пресуда и виновници уште нема.
Инаку, за овој случај се обвинети шест лица, меѓу кои е сопственикот на компанијата „Дурмо турс“, раководителот на возниот парк на оваа компанија, тројца вработени во станицата за технички преглед и возачот на автобусот.