Цените нема да се замрзнат, туку ќе се ограничи бруто профитната маржа на стотина основни прехранбени производи до 10 отсто, соопшти денеска министерот за економија и труд Бесар Дурмиши.
Како што информира Дурмиши, за оваа мерка Владата најверојатно ќе дискутира на следната седница идната недела. Со мерката ќе бидат опфатени лебот, пекарски и млечни производи, овошје, зеленчук,…
-Оваа мерка ќе биде краткорочна и во сила еден месец. Праксата на нејзиното донесување ќе продолжи за новогодишните и сите следни празници, истакна министерот.
И премиерот Христијан Мицкоски денеска изјави дека на следната владина седница треба да се најде предлогот за есенската потрошувачка кошница. Во изјава за медиумите Мицкоски рече дека е постигнат договор и дека предлогот на Министерството за економија и труд вчера бил доставен до Владата.
– Имаше вчера предлог од страна на министерот за економија, кој е резултат на средбата што ја имаа надлежните со производителите и со трговците. Рековме дека работите ќе ги решаваме преку дијалог, беше постигнат договор и истиот ќе биде веќе на следната владина седница. Вчера не беше поради определени технички причини, но сакаме да ги помине и оние филтри како што се Генерален колегиум и Комисија за економски систем. Очекувам на следната владина седница во вторник да биде на дневен ред, рече Мицкоски.
За Законот за нефер трговски практики што треба да стапи во сила од 28-ти овој месец, рече дека доколку не добијат конечен став од бизнис секторот, ќе се оди според предвидената динамика.