Дотреноста на градбата, влагата, накосеноста на теренот, големиот притисок од ридовите на Водно…, вчера предизвикаа уривањето на дел од потпорниот ѕид кај Детската клиника во рамките на Клиничкиот центар. Непреземањето ништо од страна на надлежните, иако со години се предупредуваше на ваквата опасност, си го направи своето. Но, ова се чини, најмногу е резултат на вкупната лоша состојба во која што се наоѓа улицата „Белградска“ во чиј долен дел е и потпорниот ѕид.
А состојбата долж целиот нејзин потег – од МВР па до ОУ „Кочо Рацин“ – во што се увери и нашата новинарска екипа, е крајно лоша и загрижувачка. Оштетувањата се гледаат не само на потпорниот ѕид кој го штити дворот на неколку клиники, туку и на ѕидот кој ја заштитува улицата од падините на Водно. Веќе на самиот почеток на неколку места може да се забележи дека ѕидот е урнат и дека пости опасност остатокот да се урне на улицата. На почетокот на улицата состојбата е нешто санирана со зајакнувањето на долниот потпорен ѕид кое беше направен во време на корона кризата за да се обезбеди просторот на кој се поставени неколку модуларни објекти за пациенти. Но, тоа не е доволно. Натаму, по улицата, само се гледаат оштетувањата како на улицата, така и на долниот дел од ѕидот, посебно кај болничкото одделение наменето за сместување на заболените пациенти – затвореници. А најлошо е, секако, кај Детската клиника каде и корењата на високите дрвја ја поткопувата стабилноста.
Она што посебно загрижува е постојано течење на водата од падините на Водно и од околните куќи, а која неминовно ја подрива стабилноста како на долниот така и на горниот потпорен ѕид.
Реконструкција на оваа улица и на ѕидовите е повеќе од потребна. Неа своевремено ја предвидуваше во својата изборна програма поранешниот граодначалник на Центар Саша Богдановиќ но таа не се направи. Сега, поправките не се ни спомнуваат. Треба ли да се случи да се урне целата „Белградска“ улица за да се направи санација на сообраќајницата којашто многу се користи и е еден од излезите од со сообраќај загушениот Клинички центар?