Системот мора да функционира, за да не ни се повторуваат вакви трагедии. Мора да профункционира и личната одговорност на секој кој работи со луѓе, имоти…
На Македонија ќе и треба долго време за да ја надмине трагедијата кај бугарскиот град Перник кога во запалениот македонски автобус изгореa 45 патници, меѓу кои и 12 малолетници. Ова е нова траума за која ќе се утврдуваат причините: дали згрешил возачот, дали дошло до дефект во автобусот… па се до тоа дали автопатот бил лош и со лошо поставени знаци…
Напоредно со тоа, ќе бидеме сведоци на простувања со жртвите, со нивните прерано прекинати животни приказни. Одговорот на најважните прашања, сигурно, ќе дојде по долгата истрага и потребните експертизи. Сега само може да се прашуваме – дали некои од ризичните точки можеле да се превенираат доколку имало соодветни проверки, прегледи, контроли, сервисирања, придржување до процедурите и сообраќајните правила…?
Со сето тоа повторно ќе се вратиме на тешките приказни за причините за несреќите кои што ни се случуваат. Сеедно дали збориме за трагедиите какви што беа паѓањето на „Палеровиот“ авион, за потонувањето на бродот „Илинден“, за паѓањето на хеликоптерите кај Блаце и кај Струмица, па се до автобуската несреќа кај Ласкарци и неодамнешниот пожар во тетовската модуларна болница, скоро секогаш на виделина излегува и некој пропуст кој што, доколку на време се забележал и се реагирало, трагедијата би била избегната.
Површноста на поединецот, но и на институциите е голем проблем на Македонија. Некое лице или институција не воделе сметка дека во охридскиот брод се качуваат премногу туристи, некој дозволил во болницата да се внесуваат и роднини и сомнителни електрични кабли, некој…
-Има ли некој кој си ја врши работата како што треба во оваа држава? Ризик е да се возиш со автобус, ризик улица да поминеш, ризик воздух да дишеш…, прокоментира еден граѓанин на социјалните мрежи.
Друг граѓанин, пак, смета дека основното е утврдувањето на одговорноста.
-Во оваа држава додека нема одговорност, додека институциите и судството се симбол на корупција, човечкиот живот ќе биде најефтин, нагласи тој на социјалната мрежа Фејсбук.
Граѓаните, јасно порачуваат дека основно е – државните институции да си ја вршат својата работа за луѓето да не доаѓаат во состојба постојано да стравуваат за сопствените животи. Системот мора да функционира, за да не ни се случуваат вакви трагедии. Мора да профункционира и личната одговорност на секој кој работи со луѓе кои му ја дале довербата.
Поука од потонатиот брод, изгорената болница, несреќата кај Ласкарци, не се извлекоа. И тогаш кратко по трагедиите сите беа растрчани и се чинеше дека поуката е разбрана, ама…