Од младите создаваме исплашени и несигурни луѓе

Колумна на Владимир Величковски: 

Остануваме немоќни и понижени во сопствената земја и од оние кои треба да ги штитат постигнатите европски вредности. Сепак ќе биде подигната повеќекатница кај „Холидеј ин“, што било според закон но со единствена цел – да се уништи Скопје. Меѓутоа, истиот бран на неконтролирано градење навлегува и во приградските населби Илинден и Марино, потоа Мралино итн, каде што се зголемува бројот на население.

На мал простор разгледав две изложби. Вниманието ми привлече фотографија со наслов „споменик на мирот во Хирошима“, всушност, полусрушена куќа грижливо оградена. Покрај тоа никој не учи од минатото. Со радост ги разгледав детските цртежи, чисти, полни со лирско чувство и светлина. А скулпторот, хиперреалист Жарко Башевски излага во светски галерии, а сега во Приштина, што заслужува внимание.

Лошиот дух на поделби и омраза од минатото е жив и денес и збогатен со партиски и етнички примитивизам, а велат дека сме биле пред вратите на ЕУ!? Како да не напуштила „крвта, силата и разумот“ (ќе рече писателот и никако да се подигнеме). Добро звучи кога ќе прочитаме повик „да се спротивставиме на расипаноста на световните владетели“. Меѓутоа, недостасуваат повеќе конкретни предуслови за тоа, особено зошто сме поделени на „ние“ и на „тие“, а доминира личниот интерес, безаконие и грабеж. Нашата земја е нагласено племенски „организирана“ за да ја разбереме и примениме мисла на Русо за „транспаретно општество“, а уште помалку да се разбере Мишел Фуко кој може да размислува за конципиран „проект за универзална видливост“ и дека секој за секого ќе може да го искаже сопственото мислење. Не може да се верува на идеи од типот на партискиот активизам, како и на нарачани анкети. Меѓутоа, не сме рамнодушни кога не еднаш од некој ученик ќе слушнете како наставниците им забрануваат да пишуваат критички и да се искажуваат по сопствено убедување! Наместо да развиваме слободно мислење и поединечна освестеност, од младите создаваме исплашени и несигурни луѓе, а да не зборуваме за лошото образование и трагичната неписменост не само меѓу средношколците. Станавме апатични, како дел од една машина што не влече во неизвесност и кон безнадежност.

За момент изгледа надежно кога луѓето, оправдано протестираат, меѓутоа, кој протест завршил до крај и успешно? Можеби не е прифатливо да се рече дека синовите личат на татковците, но важно е кои од нив се лоши, а кои работата добро, кој настојува да оствари вистински промени и да го подобрува животот на луѓето. Но, пресудно важно е кој е во партија а кој надвор од партија, кој е патриот, а кој предавник, што се уште не е јасно. Мислам дека луѓето од власта не треба воопшто да излегуваат и да го осудуваат насилството со толку празни зборови, туку треба да отидат во „нивните“ институции и да се фотографираат таму „за спомен и долго сеќавање“ за направените злодела од порано, се до денес. И редарите за контрола на примена вакцина не си ја вршат работата како што треба: не ги ни читаат чии се, всушност, сертификатите! Пред „мојата“ зграда видoв накитено дрво, не со лампиони туку со корона маски што ми изнуди горчлива насмевка. Се доближува уште еден невесел празник. Што ли не очекува во Новата година?

Претходна вестПоука од потонатиот брод, изгорената болница, не се извлекоа, а сега…
Следна вестЌе им дадат протоколи на матичните лекари или само 30 денари од вакциниран пациент?