Темен режим Режим на светлина

Заврши ли војната? Иран го отвори Ормутскиот теснец, цената на нафтата драстично падна, Трамп ликува…

Ормутскиот теснец официјално е отворен, ама речиси и да нема пловидба Ормутскиот теснец официјално е отворен, ама речиси и да нема пловидба

Ормутскиот теснец е отворен, но бродските компании и натаму се внимателни кога станува збор за пловидбата. Последиците од иранскиот конфликт се чувствуваат низ целиот свет, бидејќи преку овој клучен поморски пат се транспортира нафта и други важни производи, а тие ефекти нема да се намалат сè додека бродските компании повторно не се почувствуваат безбедно за премин.

Кнут Арилд Хареиде, главен извршен директор на Норвешката асоцијација на бродосопственици, изјави: „Ако ова е чекор кон повторно отворање, го поздравуваме таквиот развој. Сепак, ситуацијата и понатаму е неизвесна и остануваат низа нерешени прашања, вклучувајќи присуство на морски мини, условите што ќе ги наметне Иран и како сето тоа ќе се спроведува во пракса. Сите тие аспекти мора да се разјаснат пред воопшто да се размислува за транзит.“

Од бродската компанија „Хапаг-Лојд“ порачаа: „Започнуваме со проценка на новонастанатата ситуација и поврзаните ризици. Поради тоа, засега сè уште се воздржуваме од премин низ теснецот.“ Нивниот портпарол подоцна додаде: „Ја анализираме ситуацијата, нашиот кризен штаб во моментов заседава. Веројатно наскоро ќе продолжиме со транзитот, но сè уште е рано тоа да се потврди.“

Генералниот секретар на Меѓународната поморска организација Арсенио Домингез изјави дека објавата се проверува.
„Во моментов ја проверуваме неодамнешната објава за повторно отворање на Ормутскиот теснец за да утврдиме дали е во согласност со принципите на слободна пловидба за сите трговски бродови и дали обезбедува безбеден премин“, изјави Домингез.

Официјален Техеран потврди дега го отворил Ормутскиот теснец но под 3 услови:
– Бродовите мора да бидат комерцијални, а не воени
– Бродовите смеат да ги користат исклучиво рутите што ги одредил Иран
– Целиот транзит мора да се одвива во „координација“ со иранските сили.

Агенцијата Фарс пренесе изјава на висок ирански функционер кој вели дека, ако по отворањето на Теснецот продолжи американската блокада, тоа ќе се смета за прекршување на примирјето. Тој предупредил дека Техеран, во случај блокадата да продолжи, како одговор повторно целосно ќе го затвори овој клучен поморски правец, што најверојатно би предизвикало силен раст на цените на нафтата и гасот.

Инаку, веднаш по објавата цената на сировата нафта драстично падна под 90 долари за барел, а аналитичарите очекуваат и понатамошен пад.

Во меѓувреме Доналд Трамп направи низа објави на својата социјална мрежа Трут Соушал.
„Сега кога ситуацијата во Ормускиот теснец е решена, ме повикаа од НАТО и ме прашаа дали ни треба помош“, напиша Трамп, додавајќи: „ИМ РЕКОВ ДА СЕ ДРЖАТ НАСТРАНА, ОСВЕН АКО САКААТ САМО ДА СИ ГИ НАПОЛНАТ БРОДОВИТЕ СО НАФТА. Беа бескорисни кога беше најважно, хартиен тигар!“

Во одделна објава, Трамп изнесе детали за наводен договор со Иран, нарекувајќи го „ГОЛЕМ И СЈАЕН ДЕН ЗА ЦЕЛИОТ СВЕТ“. Според него, Иран се согласил никогаш повеќе да не го затвора Ормускиот теснец и да не го користи како средство за притисок, додека САД ќе ја преземат целата нуклеарна „прашина“ создадена во текот на конфликтот. Тој додаде дека нема да има размена на пари и им се заблагодари на Саудиска Арабија, Обединетите Арапски Емирати, Катар и Пакистан за нивната помош, нагласувајќи дека Иран, со поддршка од САД, ги отстранува морските мини.

Трамп во друга објава се осврна и на Либан, истакнувајќи дека договорот не се однесува на таа земја, но дека САД ќе работат одделно на решавање на ситуацијата со Хезболах. Тој додаде дека Израел повеќе нема да го бомбардира Либан, бидејќи САД тоа го „забраниле“, завршувајќи со пораката: „ЌЕ ГО НАПРАВИМЕ ЛИБАН ПОВТОРНО ГОЛЕМ!“

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА:
Претходна објава
Стентон Градба работи на реконструкција на училишни спортски игралишта во Битола

Стентон Градба работи на реконструкција на училишни спортски игралишта во Битола