Изгубени во лавиринтот на надлежните

Колумна на Никола Тасев:  

Да реши човек да започне бизнис во Македонија, треба да се препоти. Не за идеи или за пари да најде, туку прво за да најде каде и од кого во државата да бара дозволи за започнување на конкретниот бизнис. Просто факултет да завршиш е полесно, отколку да најдеш кому треба да се обратиш. Ќе си речете тоа е поради неинформираност на човекот… Да, ама и самите државни институции често немаат одговор кој за што е надлежен. Па те шетааат од врата на врата, од институција до институција за два – три документа. Лавиринт на надлежните!

Спасот од ова е кога јасно и прецизно ќе се знаат надлежностите на државните органи! Кога за префрлање на едно нивче нема да те шетаат по сто шалтери или кога за вадење на некоја дозвола нема чекаш со месеци, затоа што институциите не знаат кој се треба да стави потпис и печат.

Ете пример е и обичниот снег. Повторно изненади – во декември. Кој треба да го чисти е вечната дилема: градот ли, општините ли, државните органи…?

За жал, нашиот систем е направен така за да не биде до крај транспарентен, а надлежностите на институциите и одговорните лица да биде нејасна. Дали целта на секоја власт е никогаш да не се утврди кој за што е одговорен или да дознаеме кој за што е виновен? Така, тие што се на раководни позиции се заштитени и никогаш не се оптеретуваат со тоа дека ќе одговараат ако, со своето нестручно работење или со своето неработење, предизвикаат некаква штета.  

Ова е црната слика на системот. Токму затоа кога јавноста бара одговори и одговорност – не може да ги добие. На македонските институции не им е јасно кои им се надлежностите. Затоа, покрај сите реформи што му се потребни на системот, потребно јасно и прецизирање на институционалните надлежности. Но за жал, кај нас, сите реформи само се најавуваат, се почнуваат, се прикрпуваат и никако комплетно да се завршат. А причината за тоа сите ја знаеме: оние што ги прават реформите и самите се за реформирање. Ете затоа Македонија 20 години тапка во место, институциите импровизираат, одговорните го преспиваат мандатот, а кога ќе се случи некоја трагедија сите си ја ишкаат мувата од капата, вперувајќи со прст во друга институција.

Изгорениот автобусот во Бугарија и 45-те жртви е уште еден пример за црната слика на институциите. Јавноста и семејствата на загинатите бараат одговори и одговорност. Истражните органи и во Бугарија и во Македонија си ја завршија работата, но сега е главниот проблем кој бил надлежен што автобусот бил без соодветни технички документи, шоферите без лиценци, поминал граница речиси на црно… Кој? Нема одговор, туку само префрлување на одговорноста: од Транспорт кон Царината, а таа пак кон МВР. Од „внатрешни” пак се правдаат дека тие не се виновни, туку Царината имала обврска да го исконтролира автобусот. И сега како ќе се лоцира кој е виновен? Треба ли да се формира нова државна Агенција која ќе ги координира сите други досега постоечки за да им објаснува кој за што е одговорен и какви надлежности има. Ако тоа е решението – во ред, нека се формира, ама тогаш нека се распуштат сите досега постоечки. Очигледно не знаат за што се одговорни.

А тетовската болницата? Еве и тука се уште не е лоцирана конкретна одговорност. Истрагата покажа дека кабелот е виновен, но кој е виновен за кабелот? Раководството на болницата, министерството за здравство, општината, изведувачот…?

Треба ли да наведувам и други примери? Има премногу!

А има и многу примери кога ќе треба да се добиваат награди, признанија и титули тогаш без проблеми се знае кој треба да добие.

Затоа Македонија губи!

Претходна вестЌе остане ли само кабелот кабает за пожарот во кој изгореа 14 луѓе?
Следна вестВо секој дел од Скопје има траги на деструкција