Англија ќе го дочека Божиќ со повеќе од 300.000 бездомници, што е за 14 отсто повеќе од минатата година, покажуваат анализите на добротворната организација Шелтер. Се проценува дека 309.550 луѓе доживеале некаков облик на бездомништво оваа година, за разлика од проценетите 271.421 минатата година.
Извршниот директор на организацијата Поли Нит изјави дека бројот на бездомници се зголемува поради состојбата со привремено сместување, пренесува „Скај Њуз“.
– Ситуацијата со привремените станови е надвор од контрола. Хроничната недоволна инвестиција ги остави луѓето да не можат да си дозволат вртоглаво зголемени приватни кирии и турна рекорден број граѓани во бездомништво, рече Нит.
Таа додаде дека додека владата не ја разбере итноста на ситуацијата, службите на Шелтер ќе направат се што можат за да им помогнат на луѓето да задржат или да најдат безбеден дом оваа зима.
– Ужасно е тоа што владата им дозволи на илјадници семејства да останат во влажни и валкани пансиони и соби во хостели, додаде Нит.
Портпаролот на Секторот за домување и заедници истакна дека секој има право на дом и затоа се вложуваат две милијарди фунти за решавање на проблемот со бездомниците.
Шелтер рече дека анализата е најсеопфатниот преглед на регистрираните бездомници во Англија, но предупреди дека вистинскиот број на бездомници може да биде поголем.