Повторно бегство од затвор, овој пат од Шутка

Осуденици и понатаму успеваат да избегаат од затворите во земјава. По бегството на затвореникот од затворот Идризово, имало бегство и од затворот Шутка. Информациите за Алсат ги потврдија и од затворската управа. Заменик-директорот Садуш Арифи вели дека на 14 јануари избегал Нафи Абдиовски, осуден на 8 месеци. Избегал околу 17.00 часот, а од затворот велат дека ги известиле сите надлежни.

– Не беа направени никакви отстапки во текот на постапките од неговото доаѓање од притвор врз основа на одлуката на правосилната казна изречена од Основниот суд Скопје од 8 месеци затвор, од кои тој имаше издржано речиси 3 месеци. Врз основа на досието, од страна на класификацијата во Секторот за ресоцијализација, му бил одреден третман со група Б (полуслободно). Истото лице имало и повеќе други кривични дела во постапките во различни судови во државата, рече Садуш Арифи, заменик-директор на затворот Шутка.

Од МВР велат дека се информирани за бегството и ги преземаат сите мерки за негово пронаоѓање.

– Лицето издржувало затворска казна во траење од 8 месеци во Затвор Скопје за сторено кривично дело измама по чл.247, стр. 3. По наредба на КПУ Затвор Скопје од 16.01.2023 година, распишана е централна потерница за бегство од затвор, за издржување казна во траење од 7 месеци и 15 дена, велат од МВР.

 

Претходна вестВо град во Кина измерени рекордни -53 степени
Следна вестЕден мртов по тепачка во Богомила, осомничен 20-годишник