Нови два контејнера за собирање на ѓубре со зафатнина 3,2 метри кубни се запалени во градот, информира денеска ЈП „Комунална хигиена“. Вандализмот се случил на подрачјето на општина Ѓорче Петров и тоа на главната општинска улица.
– Опожарените контејнери се целосно неупотребливи и веднаш беа заменети со нови садови, со цел да не дојде до нарушување на динамиката на одлагање и собирање на комуналниот отпад во оваа скопска општина, соопшти ова комуналното градско претпријатие.
За жал, ова не е за прват да горат контејнери за собирање на отпад по градот. На десетици и десетици контејнери се уништени како резултат на вандализмот и на негрижата на граѓаните. Посебно жален е фактот што опожарувањата се случуваат и со новонабавените контејнери кои Градот Скопје ги набави во 2019 година во време на мандатот на градоначалникот Петре Шилегов. Тогаш, за сума од 1,5 милиони евра беа набавени нови 540 контејнери со капацитет од 3.200 литри, 30 контејнери за селектирање отпад од 2.200 литри, 950 корпи за џебен отпад, 12 електрични машини за вакумско чистење и десет електрични возила за чистење и миење на јавни површини.
Но, поставувањето на новата опрема не значеше дека вандализмот и палењата на контејнерите, кои и претходно се случуваа, ќе запрат. Истовремено, надлежните служби не успеваат да откријат и казнат никој од вандалите. Сето ова, само го поставува прашањето што натаму? Дали да се чека да биде запален и последен контејнер од скапата набавка од 1,5 милион евра или да се размислува за нивна подобра заштита? На пример, за повлекување на сигурни места покриени со камери? Сепак, главното прашање е дали требаше пак да се набавуваат пластичните контејнери во градот кои можат да се запалат или метални, кои се огноотпорни? Ова дилема ќе се појави тогаш кога ќе мора да се набавуваат нови контејнери бидејќи досегашните, еден по еден, ќе изгорат.